Силата е во заедништвото. Оваа лекција дека здружено можеме повеќе отколку сами, денес светот ја учи во неочекуваните околности со коишто сме соочени во 21-от век: прво пандемијата, а сега и суровата војна во Украина, кажа во своето обраќање премиерот Димитар Ковачевски на 77-то Генерално Собрание на ООН.

-Република Македонија, во здружените напори за одговор на почетокот на војната, се постави веднаш и стопроцентно на линија на надворешната политика на Европската унија и демократскиот свет. И тоа го сторивме како држава којашто е определена кон мир, кон решенија базирани на дијалог, кон европските вредности. Но и како земја, којашто од сопственото искуство научи дека мирот, силата и напредокот доаѓаат со заедништвото – и кога воспоставивме независност по мирен пат во 1991-та година – и кога се издигнавме над внатрешниот меѓуетнички конфликт во 2001-та година – и денес, кога преку воспоставениот концепт „Едно општество за сите“, сме пример за функционална мултиетничка демократија, значаен фактор на стабилноста на Западен Балкан, а со тоа и на Европа и доверлив парнер на меѓународата демократска заедница. рече Ковачевски.

Тој посочи дека историјата потврдува дека ниту еден проблем не може да се реши по насилен пат.

-Прекинувањето на агресијата е неопходниот предуслов да се отвори единствениот можен пат до решението. Тоа е патот дипломатијата и дијалогот, којшто може и мора да биде единствениот механизам за разрешувањата на споровите и предизвиците меѓу државите.“ рече премиерот Ковачевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.