Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со дел од раководството на МВР и градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев, изврши увид во целосно реновираниот објект на Полициската станица од општа надлежност Свети Николе, како дел од континуираните активности на МВР за материјално-техничко и инфраструктурно унапредување на полицијата.

Полициската станица од општа надлежност Свети Николе е 77. реновиран и саниран објект, што претставува уште еден значаен градежен проект во рамки на реализацијата на концептот за материјално – техничко унапредување на функционирањето на полициските службеници во сите нејзини домени, проект што, веќе неколку години наназад со претходно зацртана динамика се реализира низ целата држава „Опремена и задоволна полиција, вистински сервис за граѓаните“.

Објектот е целосно саниран во сите градежни аспекти со средства од буџетот на Министерството во висина од 16.500.000 денари, почитувајќи ги притоа сите современи градежни стандарди, вклучително и стандардите за енергетска ефикасност, во насока на драстично подобрување на условите за секојдневно работење на нашите колеги од оваа организациона единица и, се разбира, во интерес на граѓаните и услугите што полицијата како нивен сервис ги реализира – изјави Спасовски.

По извршениот увид во реконструираниот објект на Полициската станица Свети Николе, министерот Спасовски заедно со дел од раководството на МВР оствари работна средба со раководството на оваа организациска единица, при што беше информиран за безбедносната состојба во ова подрачје.

Во поглед на криминалитетот на подрачјето на ПС од ОН Свети Николе за месец септември 2022 година споредбено со септември 2021 година, тој бележи намалување за 42 проценти, а 60 проценти е ефикасноста во расветлувањето на кривичните дела. Што се однесува до јавниот ред и мир на подрачјето на Свети Николе, во септември 2022 година се бележи намалување кај пријавените прекршоци за 47 проценти – информираше Спасовски.

Тој потенцира дека за Министерството за внатрешни работи и натаму останува како приоритет постојаното унапредување и подобрување на професионалните, социјалните, техничките услови за работа на полициските службеници, а со цел значително унапредување на ефикасноста и квалитетот на полициското работење, а во интерес на сите граѓани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.