Министерството за образование и наука ги објави конкурсите за доделување ученички и студентски стипендии за учебната/студиската 2021-2022 година и соопшти дека годинава се зголемени износите и се воведени нови категории стипендии.

Во секој од конкурсите се наведени условите, критериумите, потребните документи и роковите за аплицирање за да се оствари правото на користење на соодветната стипендија.

Од оваа година, постапката за аплицирање за стипендија е дигитализирана преку порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk, со што, како што велат од Министерството, значително се поедноставува начинот на остварување на правото.

Учениците и студентите кои немаат можност да аплицираат електронски, треба да пополнат хартиена пријава (евидентен лист) и да ја достават потребната документација по соодветниот конкурс во Министерството за образование и наука.

МОН обезбедува поддршка при аплицирањето за секој заинтересиран кандидат кој ги исполнува условите за одредена категорија на стипендии, преку Секторот за ученички и студентски стандард – соопштија од Министерството, од каде во известувањето наведуваат и контакти на вработени во МОН за повеќе информации за конкурсите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.