Владата на Обединетото Кралство во однос на Македонија ќе го користи терминот Република Северна Македонија, соопшти денеска секретарот за надворешни работи Џереми Хант.

Во изјавата објавена на веб-страницата на Владата на Обединетото Кралство и по повод стапувањето во сила на Преспанскиот договор меѓу Грција и Македонија, Хант наведува дека ова е историски момент за двете земји.

–Двете страни ги презедоа потребните чекори за да стапи во сила Преспанскиот договор. Владата на Нејзиното Величество им честита на владите на Република Грција и Република Северна Македонија за нивната храброст и одлучност во решавање на овој долгодишен билатерален спор. Ова е историски момент за двете земји. Мило ми е што ќе ја продолжиме соработката со Северна Македонија и со Грција на билатерална основа, како и во Северноатлантската Алијанса во интерес на европската безбедност, пишува Хант.

Во изјавата уште се наведува и дека Владата на Обединетото Кралство доби барање од Владата на Република Северна Македонија да го прифати и користи името и термините наведени во членот 1 (3) од Преспанскиот договор. Во таа насока Владата на Обединетото Кралство во однос на Македонија ќе го користи терминот Република Северна Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.