Решенијата засновани на природата можат да дадат клучен придонес и за ублажување на климатските промени и за адаптацијата, истовремено поддржувајќи го зачувувањето на биолошката разновидност, здравјето, искоренувањето на сиромаштијата и другите општествени цели договорени во рамките на Целите за одржлив развој, истакна министерот за животната средина и просторно планирање Насер Нуредини на денешниот настан „Сразмерно зголемување на решенијата засновани врз природата (РЗП) во Македонија” – од политика до спроведување на терен, на кој се презентираше Глобалниот стандард на Меѓународната унија за заштита на природата IUCN за решенија засновани врз природата.

Нуредини, на настанот кој беше организиран од страна на МЖСПП и Регионалната канцеларија на ИУЦН за Источна Европа и Централна Азија (ЕКАРО), наведе дека за време на КОП 26, кој заврши пред само неколку дена, прв пат, светските лидери јасно ја препознале меѓусебната поврзаност помеѓу глобалната биолошка разновидност и климатските кризи и критичната улога што природата ја игра и во адаптацијата и во ублажувањето.

Постои итна потреба да се делува на сите нивоа доколку сакаме да спречиме понатамошна деградација на животната средина и да се прилагодиме на ефектите од климатските промени. Решенијата засновани врз природата имаат суштинска улога во ублажувањето и адаптацијата на климатските промени и намалување на ризиците од катастрофи. Сепак, за да бидат РЗП ефективни, треба да бидат целосно препознаени во политиките, законите и националните финансиски планови – истакна Борис Ерг, директор на регионалната канцеларија на IUCN за Источна Европа и Централна Азија.

Тој ја поздрави решеноста на клучните носители на одлуки во Македонија да ја препознаат РЗП како можност за подобра интеграција на паметните климатски политики и нивната широка имплементација на теренот.

Ризиците од катастрофи, поврзани со ефектите од климатските промени, од година во година се сè поизразени и предизвикуваат сериозни последици по животот и здравјето на луѓето, материјалните добра и голема деградација на животната средина. Заради тоа, во рамки на националниот Систем за управување со кризи, се планираат и спроведуваат сеопфатно координирани мерки за превенција, ублажување и адаптација – нагласи директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.

Како заеднички концепт кој сѐ повеќе се развива во светски рамки, пристапот Решенија засновани врз природата се фокусира на адресирање на развојните предизвици, истовремено обезбедувајќи позитивни резултати за аспектите поврзани со биолошката разновидност и човечката благосостојба.

Настанот е организиран во рамки на проектот АДАПТ: Решенија засновани врз природата за отпорните општества во Западен Балкан, а во тесна соработка и со Центарот за управување со кризи на Република Македонија, со цел да се подигне свеста за важноста на зголемување на отпорноста на екосистемите и заедницата на климатските промени и деградацијата на животната средина со примена на решенијата засновани врз природата на Македонија.

Овој настан ги собра релевантните засегнати страни, менаџерите на природните ресурси и клучните национални чинители за зачувување на природата, вклучувајќи ги и високите владини претставници, претставници од меѓународни организации, невладини организации, академијата и приватниот сектор во заедничката акција за адресирање на адаптацијата на климатските промени и намалување на ризикот од катастрофи во државата – истакнаа од МЖСПП.

Проектот АДАПТ е тригодишна иницијатива финансирана од Шведската агенција за меѓународна соработка (СИДА) и имплементирана од Регионалната канцеларија на ИУЦН за Источна Европа и Централна Азија. Проектот работи на зголемување на отпорноста на екосистемот и заедницата на климатските промени и ризици од катастрофи со примена на Решенијата засновани врз природата во шест економии од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија.

Глобалниот стандард на ИУЦН за решенија зановани врз природата и Упатството за стандардот се достапни на библиотечниот портал на ИУЦН на македонски и албански јазик.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.