На втората сесија од министерскиот состанок за животна средина на Централната Европска Иницијатива (ЦЕИ) во Трст, Италија, министерот Насер Нуредини се осврна на предизвиците во управувањето со трите речни сливови и трите природни езера кои Република Македонија ги дели со своите соседи.

Како што информира Министерството за животна средина и просторно планирање, Нуредини во своето обраќање говорел и за последниот развој во рамките на Преспа парк договорот и ја истакнал потребата за интегриран пристап во менаџирањето со сите водни тела.

Втората сесија од министерскиот состанок за животна средина на ЦЕИ беше посветена на управувањето и заштитата на водите, особено на односите помеѓу земјите кои делат прекугранични водни тела, промоцијата на одржливиот развој и градењето на отпорност на општествата и животната средина. На првата сесија говорниците дискутирале за предизвиците во управувањето со отпадот.

Министерот Нуредини присуствуваше на министерскиот состанок на покана на генералниот секретар на Централната Европска Иницијатива, Роберто Антонионе и министерот за екологија, просторно планирање и урбанизам на Црна Гора, Ратко Митровиќ во име на црногорското претседателство ЦЕИ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.