Пофалба до Министерството за одбрана за покачувањето на платите во Армијата, за решавањето на станбенето прашање и за решението за вработување на 74-та генерација од Армијата во затворската полиција, упати денеска Независниот синдикат на професионални војници на Македонија (НСПВМ).

Од Синдикатот најавија и протест доколку не се најде решение за 75-та генерација војници, кои навршуваат 45 години старост, со барање да бидат превземени во Граничната полиција.

Во текот на 2017 година НСПВМ со Владата се договори 75-тата генерација во Армијата да бидат префрлени во Граничната полиција. Бидејќи тоа не е реализирано, а рокот се ближи,  на 23 ноември в сабота со припадниците на Армијата ќе протестира пред Владата за да ја потсети на договореното, истакна претседателот на Синдикатот, Аднан Алити.

Од Синдикатот побараа и поскорешно решение за проблемот со униформите, бидејќи како што нагласи Алити, војниците веќе три години се со позајмени униформи, но без чизми. Тој апелираше до Министерството да ја покачи и деневницата, која според него, 20 години изнесува 610 денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.