Заменик-градоначалничката на Општина Прилеп Ирена Стерјоска Локвенец одржа прес-конференција на која ја изнесе финансиската состојба на Општина Прилеп затекната по локалните избори.

Вкупните обврски со кои ја преземаме општината, во кои спаѓаат тековните обврски, долгорочните обврски и обврските по договори за јавни набавки претставуваат висок износ од 292.562.164,00 денари. Овој висок износ можно е да го доведе под ризик извршувањето на Буџетот во 2022 година, стравува таа.

Ризик фактор за извршувањето на Буџетот ќе претставуваат и судските спорови, наведе Локвенец, а посебно го издели судскиот спор поведен од изведувачот на реконструкцијата на мостот на градската река на улица „Трајко Николоски“.

Од опозиција реагиравме дека има сомнителни и спорни постапки во овој предмет и проект. Тоа сега и го увидуваме преку документацијата. И покрај поминатиот временски период за реконструкција, првиот договор е склучен на 10.05.2019 г. со времетрање од 365 дена, сепак на 18.12.2020 г. или 7 месеци по пробиениот рок склучен е анекс-договор со што вредноста на првичниот договор е зголемен за 4.150.206 денари. Она што исто така е интересно е тоа што овој мост беше пуштен во употреба во декември 2020 година во присуство на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, а на 30.3.2021 г. повторно е склучен нов анекс договор кој го поништува анекс договорот од 9.4.2020 со бр. 03-50/12. Вредноста на мостот кај Сточен пазар стигна приближно 600.000 евра, наведува Локвенец.

Исто така, друга ставка која остава впечаток при анализата на финансиската документација е ставката на привремени вработувања.

Рекапитулацијата на оваа ставка во период од 2018 до 2021 година е фантастични 66.468.765,00ден. Од тука може да се види на кој начин се водела кадровската политика на ниво на нашиот град. Само за споредба, во период од 2013г. до 2017г. на оваа ставка биле потрошени 5.400.000,00ден. Она што треба да го знаат граѓаните е тоа што овие високи средства на буџетски пари се на сметка на намалување на средствата за капитални расходи кои можеле да бидат наменети за некои капитални проекти. Ова е само еден дел кој сега го изнесуваме пред прилепската јавност за финансиската состојба и ризици за општината, како и одредени финансиски можни злоупотребикои ќе треба да ги истражат соодветни правни, финансиски и ревизорски инстанци, изјави Ирена Стерјоска Локвенец, заменик-градоначалничка на Општина Прилеп.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.