Во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец денеска ќе се одржи прием за семејствата на припадниците на Армијата кои извршуваат задачи во мировни операции во странство и поделба на новогодишни пакетчиња на децата на армиските припадници.

Како што е најавено, министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски на пладне заедно со семејствата ќе воспостават видео-конференциска врска со припадниците на Армијата кои извршуваат задачи во операциите во Косово, Босна и Херцеговина, Летонија, Романија, Бугарија, Либан, Централноафриканската Република и Ирак. Потоа ќе следи поделба на новогодишни пакетчиња на децата на мировниците.

Со пристигнување на Дедо Мраз со армиски хеликоптер ќе следи традиционалната церемонија на поделба на новогодишни пакетчиња на децата на загинатите и починати припадници од воздухопловниот ВИНГ, како и на децата на припадници на Армијата од останатите армиски команди и единици и Министерството за одбрана.

Манифестацијата на поделба на пакетчиња од страна на армискиот Дедо Мраз, која е во организација на воздухопловниот ВИНГ ќе се реализира на воениот дел од Меѓународниот аеродром „Скопје“ во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец.

Оваа активност, која традиционално се одржува во пресрет на новогодишните празници и е особено интересна за најмладите, поради симболично пристигнување на Дедо Мраз со транспортен воен хеликоптер, поради епидемиолошките мерки за заштита од пандемијата со Ковид 19 не се изведуваше во изминатите две години, потсетуваат од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.