Денеска во Македонија пристигнaа нова група Американци за да служат како волонтери во Мировен корпус. Тие ќе го споделат своето знаење и искуство волонтирајќи во училишта и организации во земјата.

Волонтерите беа пречекани на аеродромот од страна на директорот на Мировен корпус во Македонија, Дебора Конор, како и дел од вработените.

„Ова е прва група на волонтери коишто пристигнаа во Македонија после три години, откако беа евакуирани во март, 2020 година заради светската пандемија. Волонтерите повторно ќе бидат дел од програмите за настава по англиски јазик и развој на заедниците, како и во претходните години. Им посакуваме многу успешна работа – изјави Дебора Конер, директорка на Мировниот корпус во Македонија.“

За време на нивниот двогодишен престој во Македонија, тие ќе работат како наставници по англиски јазик во училиштата, како и во областа на развојот на заедниците во невладини организации. Мировниот корпус е американска владина организација и ги реализира своите програми во партнерство со Министерството за образование и наука, Министерството за локална самоуправа и со Министерството за труд и социјална политика.

Ова е 25-та група на волонтери кои ќе живеат и работат во градови и села низ Македонија. Волонтерите ќе ги изучуваат локалните јазици и ќе се запознаат со македонската култура, а својата служба во земјата ќе ја почнат во декември 2022. Повеќе од 800 американски државјани служеле во Македонија од 1996 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.