Новинарката на ТВ Канал 5 Мирјана Мирчевска-Јовановиќ вчера во полициската станица Центар во Скопје пријавила дека во обид да земе изјава од лицето што го фатило крстот на вчерашната верска манифестација Водици била турната од непознато лице вработено во агенција за обезбедување, што ја обезбедувала манифестацијата. Новинарката притоа добила повреда на вратот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти МВР.

На овој настан реагираа сите новинарски здруженија и синдикати и политичките партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Самостојниот синдикат на новинари и на медиумски работници и Советот за етика во медиумите на Македонија најостро ги осудија физичките напади врз новинари и фоторепортери од обезбедувањето ангажирано од МПЦ за манифестацијата фрлање на крстот во Скопје за Водици.

„Според изјавите од напднатите колеги, како и од наши членови очевидци на инцидентот, обезбедувачите од агенцијата „НИКОБ“, грубо физички се однесувале кон новинарката на Канал 5, Мирјана Мирчевска-Јовановиќ, фоторепортерката од МИА, Ивана Батев и фоторепортерот од Република, Александар Ивановски. Новинарката на Канал 5 притоа има добиено повреди на раката и вратот, поради што ѝ била укажана лекарска помош во Универзитетската хируршка болница Св. Наум Охридски“, се вели во соопштението на ССНМ.

„За СЕММ е целосно неприфатливо на каков и да е начин да се спречува професионалната работа на новинарите, која треба да биде ослободена од закани и притисоци. Државата, во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права, е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да се создаде и одржува поволна клима за слобода на изразување“, додаваат од Советот за етика.

Кон осудата се приклучија и партиите.

„Никој не смее да се служи со насилство, особено не на ваков ден, особено не против јавноста, против новинарите, оние кои се таму за да ја доближат оваа манифестација, оние кои го пренесуваат овој христијански чин преку медиумите. Демократијата подразбира слободни медиуми и достапност до информации. Секое насилство против новинар е насилство против демократијата. ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува и поттикнува медиумите уште повеќе да бидат присутни меѓу народот и уште поревносно да ја пренесуваат македонската традиција и културна посебност, да ја пренесуваат вистинската слика од и за Република Македонија. МВР мора што побрзо да го расчисти случајот, а виновниците да бидат санкционирани“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија го осудува физичкиот напад врз новинарката на Канал 5 телевизија, која известувала од манифестацијата за одбелжување на верскиот празник Водици, вчера, во Скопје. Неприфатливо е било каков било физички напад, неприфатливо е било какво попречување на работата на новинарите, тоа е недозволиво. СДСМ очекува надлежните институции што поскоро да го расчистат случајот и напаѓачите да понесат одговорност односно соодветна законска казна“, соопштија од СДСМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.