Зачестените обиколки во маркети на премиерот Димитар Ковачевски, со кои тој од прва рака проверува дали се почитуваат владините одлуки за замрзнување на цените на дел од основните продукти, беа повод на денешната прес-конференција во Владата да биде поставено прашањето кој го смислува ваквиот пиар.

Новинарот кој го постави ова прашање, потоа ги спореди ваквите активности на премиерот со слични кои ги правел и претседателот на Cеверна Кореја, Ким Џонг Ун.

Кој го прави пиарот за замрзнувањето на цените на производите? Мислам дека изминатиот период и првиот човек на Cеверна Кореја, исто така, се сликаше со некои производи, меѓутоа, колку што знаме, вие сте премиер на Македонија- рече новинарот и дополнително праша кој производ следно ќе се продава по замрзната цена.

Ковачевски кажа оти ваквата констатација не е во ред, а потоа и тој направи споредба со Cеверна Кореја и му порача на новинарот оти да бил таму, не би можел ниту да постави прашање.

Сметам дека воопшто не ви е на место констатацијата во однос на тоа дека претседател на Влада оди да провери какви се цените на производите кои се замрзнати со владина одлука. Нема да одговорам на вашата констатација бидејќи да сте во Cеверна Кореја, вие нема да можете ни прашање да поставите – рече Ковачевски во одговорот на новинарското прашање.

Прашан дали Владата ќе носи одлука за замрзнување на уште некој производ и кој би бил тој, Ковачевски одговори дека доколку постои производ што ги исполнува условите, тогаш Владата ќе донесе таква одлука, а доколку нема, нема да има ниту одлука за ограничување на неговата цена.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.