Владата на седницата одржана денеска донесе одлуки и нови мерки со цел справување со корона вирусот.

Меѓу нив, се истакнуваат одлуката за онлајн работа на државната и јавна администрација, автобусите да возат со половина капацитет и угостителските објекти да работат до 23 часот.

Владата на на денешната 13-та седница ги разгледа и прифати препораките на Комисијата за заразни болести да се ограничи работно време на сите угостителски објекти до 23 часот, освен оние што вршат испорака, како и да се ограничи капацитетот на патници во возилата на јавниот превоз на 50% од вкупниот број на патници предвидени во едно возило.

 

Владата ја прифати и препораката целата државна и јавна администрација, општините и судовите, согласно принципот на работа и работниот процес, организирањето на работата да се одвива во смени или онлајн од дома или, пак редуцирано со систем на ротации зависно од карактеристиките на работниот процес на институциите – се вели во Владиното соопштение.

На оваа седница Владата ја прифати препораката на Комисијата да се одложи атлетската трка „23 Oктомври“ во Скопје, како и да остане забраната за присуство на публика на спортските натпревари кои ги организира Ракометната федерација и другите спортски федерации, кои претходно бараа оваа забрана да биде укината.

Врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести, Владата го одобри Протоколот за постапување при полагање на стручен испит за наставници и стручни соработници во тек на пандемијата со Ковид-19.

Владата утврди Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за градење со кој се предвидува изградба на посебен вид на градби односно модуларни градби за здравствена дејност, чија изградба е финансирана со средства од Буџетот на Република Македонија или со средства од Европската Унија односно друга меѓународна организација, заради зголемување на ефикасноста на здравствениот систем при справувањето со коронавирусот Ковид-19.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.