Комисијата на Жан Клод Јункер имаше двајца комесари задолжени за дисциплинирање на државите. Комесарот за проширување, Јоханес Хан, беше емисарот кон земјите-кандидатки за членство, како Македонија, при што отворено заземаше страна во внатрешните политички прашања. Оваа пракса кулминираше со отворениот повик на Хан, по неуспехот на референдумот на 30 септември, власта на Заев да употреби „комбинација на европски и балкански пристап“ за да обезбеди новото име сепак да биде изгласано. Што значи балканскиот пристап на Хан видовме кога група пратеници, кои беа гонети од страна на обвинителките Вилма Рускоска и Катица Јанева беа тактички пуштени од притвор, добија амнестија, се намалија затворските казни на нивните блиски, па дури добија и тендери, за да гласаат за промена на името. И покрај тоа што доаѓаше од редовите на конзервативната австриска партија ОВП, дел од европската конзервативна партија ЕПП, Хан сепак во голема мерка ги поддржуваше социјал-демократските влади низ европското соседство.

Потпретседателот на Комисијата на Јункер, холандскиот социјалист Франс Тимерманс, пак, беше задолжен за дисциплинирање на државите-членки на ЕУ, особено тие водени од десничарски партии како што се Полска и Унгарија. Тимерманс упорно притискаше за воведување на санкции против овие две земји, за наводно нарушување на владеењето на правото и европските вредности. Неговите активности беа насочени и кон тоа да се обиде да ја исклучи партијата Фидеш на унгарскиот премиер Виктор Орбан од ЕПП, со цел да ја ослабне европската десница и да ги подобри изборните шанси на неговите социјалисти.

Тимерманс дојде на чекор до главната функција во Комисијата – според таканаречениот договор од Осака, тој беше предложен за наследник на Јункер – но предлогот наиде на жесток отпор во десното крило на партијата ЕПП предводено од Виктор Орбан, кој се спротистави на предлогот ЕПП да ја отстапи оваа функција на социјалистички кандидат и покрај нивната победа на изборите за Европскиот Парламент. Свесни дека социјалистичките партии, преку Тимерманс, уште поинтензивно ќе ја злоупотребуваат Европската Комисија за напаѓање на десничарските влади низ Европа, членките на ЕПП се побунија против договорот од Осака, и по десетина дена бурни заткулисни преговори, се изнајде нов кандидат – германската министерка за одбрана Урсула ван дер Лејен.

Со нејзиното именување се напушти праксата за претседател на Европската Комисија да се бараат кандидати од некоја помала држава членка на ЕУ, и конечно германската конзервативна партија ЦДУ – најголемата партија во Европа – презема одговорност за водење на ЕУ. Ван дер Лејен се смета за солиден десничар, мајка на седум деца која во младоста морала да живее со лажен идентитет откако левичарски терористи се заканиле дека ќе го ликвидираат нејзиниот татко поради неговиот политички ангажман. Франс Тимерманс повторно ќе биде потпретседател на Комисијата, но веќе не е задолжен за секторот преку кој вршеше притисоци врз Унгарија и Полска. Неговиот ресор сега е – екологијата.

Хан, исто така, останува австриски член на Комисијата, но и тој веќе нема да биде задолжен за односи со земјите-кандидатки за членство. Како дополнителен успех на кампањата предводена од Орбан да се обезбеди колку што е можно посолидно десничарско раководство во Комисијата, ресорот за проширување го доби токму Унгарија. Ван дер Лејен на ова место го кандидираше Ласло Трочањи, поранешниот унгарски министер за правда, кој е близок соработник на Орбан. Левичарските кругови во Брисел веќе се мобилизираат за да го спречат неговото именување, стравувајќи дека ќе стави крај на праксата европската дипломатска мрежа да се злоупотребува во поддршка на левичарските партии низ Балканот. Ван дер Лејен направи дополнителен гест на добра волја кон десно ориентираните влади со тоа што го постави комесарот за контролирање на миграцијата во ЕУ за потпретседател на Комисијата (местото повторно оди на грчкиот претставник, претходно Димитрис Аврамопулос, а во иднина Маргаритис Шинас) и му даде нова титула – потпретседател на Комисијата за заштита на европскиот начин на живот.

Во меѓувреме, државите од таканаречената Вишеградска група (Унгарија, Полска, Чешка и Словачка) најавуваат дека ќе бидат гласни поддржувачи на приемот на балканските земји во ЕУ и дека унгарската контрола врз ресорот проширување нема да биде само колку да се пополни местото. На вишеградскиот самит во Прага беше упатена јасна порака дека токму земјите од средна Европа ќе бидат главни поддржувачи на проширувањето. Ова е во силен контраст со отпорот кон проширувањето кој доаѓа пред се од постарите членки на ЕУ како Франција и Холандија.

Од македонска гледна точка, едно нешто што може да ја поткопа големата можност која се нуди со промените во Европската Комисија е фактот што земјата ја води сериозно корумпираниот режим на Заев, кој не успева да ги исполни минималните стандарди на владеење на правото, врши политички прогон и има отворено непријателски став кон вишеградските земји, особено Унгарија.

Македонија треба да е паметна и да ја искористи оваа ретка можност. Како никогаш до сега имаме вистински пријател зад нас. Дали владата на Заев има капацитет за тоа? Би рекол едно големо – не! Со континуираното напаѓање на Унгарија и премиерот Орбан, пред сè од идеолошки и лични причини не може да се смета дека би направиле некоја голема промена во односите сега. Дури се плашам дека можат да одат и во уште поголеми екстреми. Од друга страна ВМРО-ДПМНЕ негува традиционално добри односи со Унгарија и со Фидес. Последната средба со премиерот и претседател на Фидес, Виктор Орбан, на која бевме заедно со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, уште еднаш го потврди тоа партнерство, смета потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.