Директорот а Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, денеска доби уште едно отворено писмо поврзано со пописот, што е во тек. По првото, од првиот човек на Фондацијата Македонија, Виктор Стојанов, второто е од првиот човек на партијата ГДУ, регистрирана во Македонија, Петар Колев, дознава „Пресинг ТВ“.

Колев меѓу другото му пишува на Симовски дека во последниот период зачествуваат реакциите на граѓани, кои предупредуваат на, како што вели, нерегуларности во статистичката операција.

-Веќе неколку сигнали од граѓани потврдуваат дека поради брзање, неискуство или можеби поради друга причина, попишувачите го пропуштаат или погрешно го внесуваат податокот од изјавата за национална припадност и мајчин јазик. Не би сакал да навлегувам во содржината и поводот за таквите нерегуларности, но сум должен да се обратам кон Вас, пред се, како граѓанин, кој има желба оваа статистичка операција да заврши успешно, демократски, но и транспарентно, вели Колев.

 

Во продолжение од писмото, лидерот на ГДУ на Симовски му поставува три прашања:

1.Дали попишувачите ангажирани од вашата институција ќе сносат одговорност за некоректното и непрофесионално внесување на податоци на граѓаните, ако се укаже дека во процесот на внесување, добиле една изјава, а внесле во системот друга информација?

2.Дали граѓаните ќе имаат можност после завршување на пописот да се обратат до вашата институција со цел транспарентност, но и гаранција на основното човеково право, правото на самоопределување, и да побараат официјална информација како се внесени нивните лични податоци во системот и дали одговараат на нивната изјава дадена по време на анкетата извршена од попишувачите ангажирани од вашата институција?

3.Доколку се укаже дека има разминување во дадената изјава и внесените податоци, каква е правната постапка со која граѓаните ќе можат да го заштитат своето право на самоопределување, кое впрочем е гарантирано и со Уставот на Република Македонија?

На крајот Колев го предупредува Симовски дека „недобивањето на одговор на овие прашања, во мене, но и во многу граѓани, ќе создаде сомнеж, односно целата статистичка операција, како и јасен сигнал за можен инжинеринг.“

Но, тоа што е индикативно и што упатува на заклучок за координиран и симхронизиран обид за девалвирање на целата статистичка операција е што бугарски Фактор.бг истото писмо на Колев го пренесува со максимално компромитирачки наслов – „Скандалозно: Попишувачите во РС Македонија манипулираат со податоците за национална припадност“.

Или, за тоа што Колев го прашува директорот Симовски, бугарскиот медиум го прикажува како вистина и непобитен факт, што претставува манипулација со бугарската, македонската и меѓународната јавност. Целта е резултатите од пописот подоцна да се (зло)употребат и искористат за нови обвинувања на сметка на Република Македонија, доколку, се разбира, не се стигне до манипулативната бројка од 120.000 Бугари, кои поседуваат бугарско државјанство и пасоши.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.