Бугарија денеска испраќа три генератори за електрична енергија на три гранични пункта со Република Македонија, изјави бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев.

Трите генератроти Демерџиев ги најави во саботата за време на престојот во Скопје по повод одбележувањето 151 година од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, а по информациите дека бугарски граѓани не можат да ја поминат границата зашто е паднат системот за проверка на лични документи поради прекин во напојувањето со струја.

По минатотонеделниот состанок со наговиот македонски колега Оливер Спасовски, Демерџиев најави дека е можно до крајот на неделава да има нови средби со претставници на македонските власти, овој пат во Делчево, а не во Скопје.

Во изјава за новинарите во Софија, тој рече дека дијалогот со Македонија продолжува, нагласувајќи оти „насилството и провокациите треба да прекинат бидејќи раѓаат ново насилство и провокации, и тој маѓепсан круг мора да се прекине“.

Сакам македонската страна да разбере дека патот до добрососедските односи и патот кон Европа е преку дела, а не со зборови. Кога тоа ќе се случи, односите меѓу двете земји ќе влезат во насока во која би сакале и која сме должни да ја обезбедиме, рече Демерџиев.

Според него, не му бил даден ниту еден доказ дека на 4 февруари на граница имало луѓе кои имале радикално однесување.

Нормално е луѓето да реагираат кога ќе видат дека се обработуваат возилата кои влегуваа во Бугарија, но во другата насока не, рече Демерџиев.

Според него, немало причина да се спречуваат луѓето кои сакале да дојдата во Скопје за „да положат цвеќе“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.