Два настапи за релативно кратко време на поранешниот градоначалник на Карпош и партиски секретар на СДСМ, Андреј Петров, ја отсликуваат состојбата во владејачката партија. И „новиот“ партиски естаблишмент продолжува политички да се проституира со државните и националните интереси. Зашто, се уште нема јасен и јавно изразен став околу две клучни прашања и тоа во пресрет на долго очекуваната средба на премиерите на Македонија и Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петров, анализира „Пресинг ТВ“.

Откако беше нападнат од опозицијата во првиот медиумски настап по повторниот избор во партискиот Извршен одбор околу впишувањето на македонските Бугари во Уставот, Петров само некој ден подоцна, во утринската емисија на Телма излезе со сосема друг став, потенцирајќи меѓу другото дека не ни треба ЕУ по секоја цена.

-Не можеме да ја менуваме историјата, значи за мене Бугарите биле окупатори не администратори. Не можеме да зборуваме за јазикот и идентитетот заради тоа што тоа е слобода, тоа е нешто што не зависи од никој друг, туку зависи од нас самите и е факт што се случува на повеќе катедри на универзитети низ целиот свет. И на прашањето на Уставот, значи не е проблем да влезат Бугарите во македонскиот Устав, бидејќи тоа покажува дека ние сме различни народи, но, нормално е дека тоа треба да биде со реципроцитет, решавање на правата на Македонците во Бугарија, на македонското малцинство во Бугарија, рече Петров.

Со оваа изјава, Петров стана првиот претставник на владејачкиот СДСМ, кој јавно го спомена реципроцитетот во македонско-бугарските односи.

Но, успешно се огради дека тоа е негов личен став.

Тоа, пак, говори дека ни партискиот врв, ни владата во оставка, а допрва ќе видиме што ќе каже новиот нејзин состав на чело со Димитар Ковачевски, немаат јасно изразен став околу две клучни прашања. Првото, дали Македонија за време на Втората светска војна била окупирана од страна на бугарските фашисти или била под бугарска администрација? И второто, дали впишувањето на македонските Бугари во Уставот треба да биде со почитување на правото на реципроцитет, односно со ставање на Македонците во Бугарија во бугарскиот Устав? А, зошто да не и со рехабилитацијата на Македонците во Бугарија како жртви на тајните служби и во времето на комунизмот, па и потоа? Зашто, ни случајно не смее да се заборави на културната автономија на Македонците во Пиринска Македонија.

За јазикот и идентитетот, пак, не треба ни збор да станува.

Сега веќе бившиот партиски лидер и премиер Зоран Заев во фамозното интервју за БГНЕС кон крајот на ноември 2020 година до крајни граници ја ослабна државната и национална преговарачка позиција со тврдењето дека Бугарите за време на војната биле администратори, а не окупатори. Впрочем, и другите тогаш изнесени историски небулози беа повод за жестока реакција на бившиот партиски лидер, премиер и претседател на државата Бранко Црвенковски.

За потсетување, во своето обраќање до јавноста, Црвенковски тогаш меѓу другото напиша:

 

-Во периодот после формирањето на Владата на чело со СДСМ, не излегов во јавноста, за да не се доведам во ситуација да се конфронтирам или јавно да критикувам некои политики и постапки на мојата партија. А такви ситуации имаше во повеќе наврати.

Таквиот мој став ќе продолжеше и во иднина, ако не се случеше скандалозното интервју на Премиерот и Претседател на нашата партија, Зоран Заев. Ставовите и тезите искажани во тоа интервју предизвикаа и ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава.

Направена е огромна и непоправлива штета. Она што може и мора да се направи е да се стави јасно на знаење дека ставовите на Заев не се ниту ставови на целата Влада, ниту на целиот државен врв.

Се обраќам до вас, почитувани сопартијци, за да ви укажам на посебната одговорност што ја има нашата партија. Зоран Заев е претседател на СДСМ и наша е задачата да ја намалиме штетата колку што е можно повеќе. Ако нема никаква реакција, ставовите на Заев ќе станат ставови застапувани од целиот СДСМ, а бидете убедени тоа ќе има катастрофални последици по партијата и што е уште полошо по државата.

Реакциите на пооделни видни членови во медиумите и на социјалните мрежи се добредојдени, но не и доволни.

Затоа, почитувани мои сопартијци, повикувам под итно да се свика Централниот одбор на партијата и на таа седница да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО ниту на СДСМ во целина. Да се реафирмираат уште еднаш ставовите на СДСМ за македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, македонската историја, карактерот на антифашистичката борба и АСНОМ.

Заев, партиското раководство и Владата останаа глуви на барањата на Црвенковски, по што уследи дебаклот на локалните избори, што значеше и казна за политиките на тогаш актуелниот премиер и актуелен лидер на владејачкиот СДСМ.

Првото ветување на Ковачевски беше обединување, иако не беше прецизен во тоа дали мисли на коалиционо или внатрепартиско. Според реториката, што ја користи по преземањето на партијата, Ковачевски, за жал, е многу поблизок до Заев, отколку до своето ветување, што може да се заклучи од оградувањето на Андреј Петров во изнесувањето на својот личен, а не цврст партиски став во односите со Бугарија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.