Вакцинацијата против вирусот на грип требаше да стартува на 5 ноември, но наместо навремено отпочнување и реализација на истата, сведоци сме на веќе добро познатиот филм во кој што главна улога имаат предводниците на владата и министерот Филипче, предупреди на денешната прес-конференција Синиша Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.

Стојаноски додаде дека ова веќе видено или дежа ву сценарио со доцнење на реализација на предвидени и планирани проекти се случува во континуитет и е главна карактеристика на целиот мандат на владеење на сегашната политичка гарнитура. За жал, овој пат, повторно е на сметка на здравјето на граѓаните на Република Македонија.

Прашуваме што се крие во позадината на актуелнава ситуација? Дали повторно станува збор за наместени, потенцијално сомнителни или криминални тендери? На што се должи доцнењето на овој конкретен тендер за набавување на вакцини? Дали можеби во позадина се заговарало која фирма да го добие тендерот? Прашуваме дали тоа можеби била главната причина што редовната вакцинација годинава доцни? Години наназад, вакцинацијата против грип во земјава започнува околу 20-ти октомври, а единствено минатата година стартуваше на 5-ти ноември, исто така поради одолговлекување и ненавремено спроведување на тендерските постапки. Годинава не успеавте да стартувате ниту на 5-ти ноември. Респект, на прав пат сте. Само продолжете така. Дали е вистина дека во државава не се стигнати ниту комерцијалните вакцини што ги набавуваат центрите за јавно здравје, ниту пак 28.000 бесплатни дози за кои е задолжено министерството за здравство?! Министре, па Вие самиот информиравте дека тендерот за бесплатни вакцини е завршен и дека сега следува период на жалби. Но, не кажавте точен датум кога ќе стартува вакцинирањето. Барате алиби во препораките на Светската здравствена организација за нашата земја и другите земји од регионот за покасно да почнела имунизацијата?! Па, таа веќе стартуваше во нашето соседство, во Република Србија и Република Хрватска. Кое е вашето објаснување за ваквата ситуација, праша Стојаноски.

Стојаноски потсети дека пријавувањето на грипот на групна пријава како законска обврска започнато е од 40-та недела во тековната година и трае до 20-та недела наредната година.

Ова потврдува дека ние веќе сериозно сме навлезени во сезоната на грип. Дали сте свесни дека од вашата неодговорност и ненавремено завршен процес за набавка зависи здравјето на ранливите категории на граѓани, на лица над 65 годишна возраст, на хронично болните, трудниците и децата? До кога со ваквиот однос? До кога, министре?! Дали ви е јасно дека си поигрувате со здравјето на граѓаните?, прашува тој.

Стојаноски додава дека по ова логично е да следуваат прашањата:

Прво, кога точно ќе започне вакцинацијата? Второ, зошто не стигнавте навреме да ги набавите вакцините? Трето, кој и дали воопшто некој ќе понесе одговорност за овој пропуст? Вината за доцењето на вакцинацијата лоцирајте ја вие. Размислете кој е одговорен за ненавременото отпочнување и реализација на постапките. Одговорот е повеќе од јасен, потенцираше Стојаноски.

И затоа, граѓаните следната година во април ќе стават крај на ваквото неодговорно владење, додаде тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.