Во интервју за МРТВ техничкиот министер на МВР Наќе Чулев кажа дека додека е тој на чело на Министерството за внатрешни работи има за цел да изврши посети на сите осум регионални сектори за внатрешни работи, меѓутоа и на други организациски единици при МВР со една единствена цел, гаранитирање на стабилниста во единиците за безбедност и личната безбедност на граѓаните. Тој најави дека осум сектори за внатрешни работи ќе бидат подложни на промена, а промените, како што рече, веќе се издиференцирани со техничкиот премиер Оливер Спасовски, и очекува новата систематизација да помине на владина седница.

Јас имам право само на 15 промени. Оние 15 места што ќе бидат подложни на промена се осумте сектори за внатрешни работи – Скопје, Куманово, Велес, Тетово, Битола, Штип, Охрид и Струмица, Одделението за внатрешни работи во Прилеп со оглед на големината и бројот на население, тоа е Одделот за справување на организиран криминал и сериозен криминал, Единицата за интервентна полиција, Одделот за специјални полициски операции, Единицата за специјални задачи, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и Одделот за информатика и телекомуникации. Во консултации со дел од колегите од МВР селектирани се лица кои се со долгогодишно стручно искуство во проблематиката што ќе ја покриваат, кои се професионалци и луѓе со чест и интегритет. Да ви кажам дека за имињата дополнително ќе ве информирам заради тоа што уште се вршат завршни консултации и проверки, рече Чулев.

Во однос на направените реформи во изминатиот период во МВР, Чулев вели дека начинот на кој биле направени не кореспондирал во целост на барањата.

За тоа сведочи на пример, што е предлагачот на Законот за Операторивно-техничката агенција по неполна цела година сега поднесува нови промени во овој закон. Во однос на Агенцијата за национална безбедност кажав и претходно процесот на селекција е нелегитимен и нелегален од аспект што не беа испочитувани двете законски одредби, а тоа е спроведување на тест за интегритет и полиграфско тестирање, а исто, еве да ви кажам, денес службите ме информираа дека сите оние вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање коишто не беа примени во АНБ уште не се распоредени и по шест месеци во рамките на МВР и уште примаат плата од правен субјект којшто веќе не постои, а тоа е УБК, оцени тој.

Во однос на кадарот во Министерството, Чулев смета дека во МВР има голем број луѓе со соодветно стручно образование и луѓе со чест и професионален интегритет и оти ќе настојува поларизацијата и партизацијата во МВР да биде елиминирано за сметка на професионализацијата.

 Добар дел од оние криминалистички таргети, односно предмети на оперативно работење се видени и се наоѓаат во друштво со највисоките носители на власта заради ризик, загрозување на сопствената и лична безбедност и безбедноста на нивните семејства и од страв дека ќе бидат професионално деградирани и истите за тоа не водат криминалистички истраги. Заради тоа, јас ќе настојувам во наредниот период да им се даде шанса на цел оној професионален и стручен кадар којшто во изминатиот период бил деморализиран, го изгубил ентузијазмот или од икс причини коишто претходно ги наведов не бил мотивиран за работа да ја добијат својата професионална шанса и да бидат соодветно наградени, рече Чулев.

Техничкиот министер додава дека ќе се постапува и по истраги што се уште не се завршени и во наредниот период ќе бидат процесуирани до надлежните правосудни органи.

Чулев, во однос на претстојните избори и дали има точки на кои им е потребно повеќе внимание, вели дека како Министерство ги мапирале критичните точки и за денот на избори, а и пред тоа ќе бидат распоредени дополнителни полициски сили со цел спречување на каков било начин да се наруши избирачкото право на граѓаните или да се изврши корумпирање на гласачкото тело.

Ја користам оваа прилика исто така да упатам силна порака до сите оние поединци или криминални групи во земјата и во странство надоврзани на политички гарнитури дека ниту еден политичар нема да им биде гаранција да се спасат од кривичен прогон и процесуирање до правосудните органи доколку на кој било начин или со кој било средства се обидат да го нарушат избирачкото право на граѓаните или да го нарушат избирачкиот процес, подвлече тој.

Чулев ја оценува безбедносната состојба во земјава како стабилна. Имајќи го предвид претходното искуство, како што рече, и понатами постои ризик од илегална миграција имајќи ги предвид безбедносните настани на Средниот Исток, а за што нашето Собрание веќе има прогласено и кризна состојба.

Дополнително стои безбедносниот ризик од повратниците и она што значи насилен екстремизам и верски радикализам од терористички структури. Ги уверувам граѓаните дека во овој предизборен период и за денот на одржување на изборите нека бидат спокојни и мирни бидејќи МВР им ја гарантира нивната безбедност, оценува техничкиот министер.

Чулев обвини дека претходниот министер од СДСМ Оливер Спасовски водел лоша кадровска политика, потенцирајќи дека наместо да се води од професионални и стручни се водел од политички критериуми.

До мене стигнуваат, а и во јавноста се веќе присутни многубројни реакции и револт кај најголем дел од припадниците на МВР и тоа не е случај само последните неколку дена, туку тие реакции се перманентни пред се на лошата кадровска политика водена од претходниот министер Оливер Спасовски при што за сметка на професионални стандарди и стручни критериуми, дава приоритет на политички критериуми, вели Чулев.

Чулев изјави дека веќе остварил средби со раководителите при Министерството за внатрешни работи а испратил и телеграма до организациските единици на МВР веднаш да се стопираат сите решенија издадени на вработените, укажувајќи дека ќе се изврши целосна ревизија и онаму каде што има прекршување на законските и правните прописи ќе има и соодветни дисциплински постапки.

Имав средби со надлежните раководителите од правниот сектор од МВР и издадов насоки да се изврши ревизија на сите издадени правни акти во изминатиот период, со акцент на изминатите неколку дена и веќе пуштена е телеграма до сите организациски единици на МВР, сите оние решенија кои што не се издадени на вработените односно не се подигнати од вработените на МВР да се стопираат до донесување на друга одлука а таа одлука ќе биде донесена по консултации со правниот сектор при МВР. Можам да ве информирам дека сите оние решенија каде што ќе се утврди дека не се испочитувани одредени професионални стандарди, дека не се спроведени законските обврски како што е објавување на конкурси или пак на било кој начин се прекршени правните норми ќе бидат поништени, а против старешините кои учествувале во нивното носење ќе бидат покренати соодветни дисциплински постапки, кажа Чулев.

Министерот Чулев упати апел до сите вработени од Министерството за внатрешни работи кои сметаат дека со ваквите законски решенија им се прекршени правата да се обратат до него додавајќи дека секоја изјава од страна на припадниците на МВР соодветно ќе биде истретирана.

Ја користам оваа прилика да упатам апел до колегите на МВР доколку се чувствуваат дека на било кој начин им е нанесена штета или им е повредено правото со овие последни издадени решенија писмено да се обратат до мене, при што секоја нивна писмена изјава ќе биде соодветно третирана од правен аспект, посочи Чулев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.