Нема ништо од најавите кои Министерството за здравство ги даде на 2 ноември, дека проблемот со недостаток на педијатри во охридската Општа болница ќе биде решен. Од тогаш поминаа повеќе од две недели, а се уште не се најдени двајца педијатри. Детскиот оддел функционира само како обична амбуланта, со работно време од 8 до 20 часот, со двајца педијатри, од кои еден после Нова Година ќе замине во пензија. Доктор Зеќир за „Алсат“ вели дека работеле на екипирање на одделението за да почнат со нормална работа.

За викенд болните деца се праќаат во Струга:

За минимално функционирање на една 24 часовна служба потребни се минимум пет доктори. А, некој оптимум е шест до седум доктори. Се ова што и понатаму ќе се прави во наредните години ќе биде едно прикрпување, вели д-р Зеќир.

„Алсат“ и денеска праша во Министерството за здравство кога охриѓани може да очекуваат педијатри и од каде ќе ги донесат, но оттаму одговор нема. Проблемот лежи и во недостаток на специјализанти.

Ние имаме две специјализантки, кои во најдобар случај ќе дојдат за четири до пет години. И пак две, што се две. Наназад 15 години минимум, овде не е пуштен специјализант за педијатрија, иако во многу наврати ние баравме да биде пуштен. И до сега требаше да бидат готови. Едноставно немаше разбирање, додава д-р Зеќир.

Во Охрид пред пензија се и 80% од матичните педијатри.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.