Со говор на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски започна двоневниот семинар „Рефлектирање за минатото, планирање за иднината“ во организација на ВМРО-ДПМНЕ и Националниот демократски институт од САД.

Семинарот кој е добра можност за размена на искуства, пренесување на знаења и втемелување на нови форми на соработка меѓу партијата и НДИ, се одржува во Струга, а учествуваат членови на Извршниот и Централниот комитет на паратијата, пратеници, партиски членови и други гости.

Ми преставува особена чест и задоволство што повторно, по подолга пауза практично обновуваме едно пријателство и заедничка соработка со нашите партнери од Националниот демократски институт од Америка и што заеднички организираме еден работен престој кој што е добра прилика за размена на искуства, пренесување на знаења и втемелување на нови форми на соработка.

Искрено се надевам дека ова е почетокот на едно обновено суштинско пријателство кое убеден сум дека ќе донесе плодоносни резултати и ќе ни помогне за зголемување на нашите капацитети и реализација на нашите стратешки приоритети како политичка партија, што всушност се и приоритети и стратешки цели споделени со Република Македонија, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во говорот пред присутните меѓу кои и директорот на НДИ Македонија Крис Хеншоу и заменик-помошникот администратор за Европа и Евроазија, вршител на должноста претставник на Канцеларијата на УСАИД Македонија Гречен Биркл.

Мицкоски е убеден дека се поставуваат основите за една долгорочна соработка која ќе донесе одлични резултати, а овој работен престој во Струга ќе биде одлична можност да се направи ретроспектива за анализа на она што преставува и самиот назив на заедничкиот собир „Рефлектирање за минатото, планирање за иднината“.

Ова е дотолку повеќе важно затоа што она што сега ќе го испланираме, изградиме како заеднички капацитет во партиските структури ќе биде она што, уверен сум во еден извесен брз период треба да се преслика како раководење на институциите, нивно управување и менаџирање. И потполно треба да бидеме свесни дека граѓаните со право ќе очекуваат резултати, исполнета работа и драстична разлика кон подобро. Ние сме тие кои ќе ја имаме задачата тоа да го донесеме и да не ги разочараме нивните очекувања што е првенствената обврска во се она што го правиме. Не смееме и нема да ги изневериме очекувањата на граѓаните!

Но патот до таму треба да се изоди. И ништо нема да дојде незаслужено, и ние треба да бидеме подобри од било која друга политичка сила сега и во минатото. Како што рекол американскиот претседател Абрахам Линкон она што и треба на секоја една демократија е владеење на народот, од народот, за народот. И ние тоа треба заеднички да го изградиме, преку отвореност, со неверојатен слух за потребите на граѓаните, зајакнување на демократските капацитети и да се водиме од интересите на Република Македонија и нејзините стратешки цели.

Секоја смена на власт носи своја порака, потсети Мицкоски и додаде дека за одлуките во минатото граѓаните веројатно имале добри причини.

Наша должност е да ги признаеме нашите слабости, да ги oстраниме и надминеме, зајакнеме нашите капацитети, и понудиме она што им треба на граѓаните. И ние тоа го правиме. На државата ѝ треба лидерство кое ќе донесе стабилност и развој. После 28 години независност нам ни треба овозможување на сигурност на граѓаните и конечна верба во демократските принципи, во почитување на волјата на граѓаните која не секогаш во минатото била водилка за политичарите, а тогаш кога не била, се правеле грешки кои нашата држава ја чинеле скапа цена. И конечно на граѓаните им треба сигурност, верба во правната држава и владеењето на правото, каква во моментов за жал немаме. Но она што сега го имаме како фактичка состојба во државата е слаб институционален капацитет, разочарани очекувања, имаме поделено општество и тоа по повеќе основи. Станавме држава во која и поставувањето на директори на средни училишта предизвикува поделби, бидејќи истото е резултат на политички интереси и договори, а не последица на заслуги и минат труд. А поделеноста дезинтегрира, но нам ни е потреба интеграција. Еднакви можности за сите. Правна држава и конечно владеењето на правото.

Имаме стратешки интереси кои треба да се одбранат, но и да се исполнат, рече Мицкоски. Опозицијата е гласен коректив на власта, а сето она што што денес се критикува, утре треба да се исправи и исполни.

Уверен дека тоа ќе го направиме. Пратеничката група, членовите на Извршниот и Централниот комитет, како секој еден член треба да знае дека оние капацитети што ќе ги изградиме сега, ќе бидат капацитети кои ќе управуваат утре и ќе имаат одговорност. Јас верувам дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе остане прогресивната сила која ги носела промените и секогаш била во служба на целите на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ ја обединува енергијата на прогресивноста, на современиот патриотизам, и отвореноста да се рушат бариерите. И ќе го донесеме она што и потребно на нашата земја, промени, нова надеж и подобра иднина за сите.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.