Во моментов нема услови Бугарија да се согласи Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ, оцени претсдателката на Бугарската социјалистичка партија (БСП), Корнелија Нинова, за време на прес-конференцијата во седиштето на партијата, по состанокот со македонскиот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев, пренесува новинската агенција „Фокус“.

Нашата позиција останува непроменета. Во моментов нема услови Бугарија да даде согласност за почнување на преговорите за членство на Република  Македонија во ЕУ. Ја искажавме нашата подготвеност да останеме отворени за дијалог на сите нивоа за да најдеме решение за ова прашање, бидејќи нашиот принципиелен став е дека пристапувањето на Македонија во ЕУ е гаранција за регионот и можност за развој, нагласи Нинова.

Таа додаде дека за да почнат преговори, мора да се исполнат условите од Договорот за соседство.

Ние секогаш го поддржувавме пристапувањето на Македонија во ЕУ. Ние го поддржавме Договорот за добрососедство, како и Декларацијата на Бугарското национално собрание. Го поздравуваме дијалогот на највисоко ниво, но не го одобруваме говорот на омраза што постои во Македонија кон Бугарија, дискриминацијата на луѓето што се определуваат со бугарска самосвест, како и изобличувањето на историските факти и вистината. Ние целосно разбираме дека нашите очекувања како партија се дури и поголеми отколку за другите партии, бидејќи ние и Социјалдемократскиот сојуз, кој владее во С Македонија предводен од Заев, сме партнерски партии, учествуваме во заедничките меѓународни организации на социјалистичките и социјалдемократските партии. Ние сме партнери, ние сме и пријатели. Ние го почитуваме ова пријателство и партнерство, но Бугарија и бугарскиот национален интерес ги ставаме над се, вели Корнелија Нинова.

Од владината прес-служба пак, за сребата Заев-Нинова велат: Премиерот Заев и претседателката на БСП Нинова се согласија дека преговорите на Македонија со Европската Унија мора да почнат час поскоро и дека секоја поддршка во оваа насока е од исклучителна важност.

Премиерот Заев и вицепремиерот Димитров за време на разговорот потенцираа дека влогот за остварување на оваа цел е голем и македонската владина делегација е во Софија со искрени и чесни намери, да се направи заеднички исчекор кон решение за што постојат сериозни услови истото да се обезбеди во периодот што претстои. За време на разговорот претседателката на БСП Нинова го поздрави проактивниот и искрен пристап на премиерот Заев со цел да се обезбеди исчекор кон решенија за деблокирање на евроинтеграцискиот процес на Македонија и дека тоа е од суштинска важност за стабилноста на регионот Западен Балкан, се вели во владиното соопштение.

Заев и Нинова на средбата се согласија, додаваат од Влада, дека Македонија и Бугарија имаат и желба и капацитети за европско лидерство во однос на изнаоѓање заедничко прифатливо решение за отворените прашања и дека во таа насока од огромна помош можат да бидат и заедничките вредности на БСП и СДСМ како сестрински партии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.