Александар Василевски – Нинџа, осуден за настаните во Собранието на 27 април 2017 година, реагираше на ставовите изнесени од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во последното издание на емисијата „360 степени“. Според Нинџа, кој има дебело полициско и судско досие како ретко кој во Македонија, Мицкоски изнел невистини и „му го нарушил угледот“. Но, за угледот на Нинџа и за причините поради кои Вилма Рускоска и Добрила Кацарска го сметаат за релевантен извор на информации, подготвивме детална анализа.

ИСКАЗОТ НА НИНЏА МЕНУВАН ТРИ ПАТИ, ГЛАВЕН СТОЛБ НА ПРЕСУДАТА НА КАЦАРСКА?

Во емисијата Мицкоски и новинарот Васко Попетрески зборуваат за актуелностите поврзани со случајот „Рекет“. На тезата на Попетрески дека „врз основа на еден исказ не може да се носат заклучоци во случајот Рекет“ Мицкоски одговори дека се согласува, потенцирајќи и дека врз основа на само еден исказ од обвинетиот Александар Василевски – Нинџа во случајот за 27 април, исказ кој е менуван три пати, Рускоска и Кацарска обвинија и осудија луѓе на вкупно 211 години затворска казна.

Мицкоски потенцираше дека „дури и во 1949 година во најжестокиот комунизам, биле потребни минимум 2 искази за да се осуди некој политички затвореник. Сега, на Рускоска и Кацарска им беше доволен само еден исказ, менуван три пати, на еден обвинет во случајот со дебело криминално досие и човек кој и претходно е познат како „соработник“ на обвинителството, давајќи искази кои им одговараат на обвиненијата, без докази, без покритие.

За настаните од 27 април со затворски казни Кацарска ги осуди Митко Чавков на 18 години затвор, Митко Пешов 15 години, Душко Лазаров 15 години, Горан Ѓошевски Леви 15 години, Мунир Пепиќ 15 години, Јане Ченто 15 години, Влатко Трајковски 15 години, Никола Митревски Кољо 15 години, Вилијам Михајловски 14 години, Оливер Поповски 13 години, Младен Додевски 12 години, Горанчо Ангеловски 12 години, Игор Југ 12 години, Оливер Радулов 10 години, Александар Василевски Нинџа 8 години и Абдулфета Алими 7 години.

ЗОШТО НИНЏА ДОБИ 8 ГОДИНИ ЗАТВОР, А ДРУГИ ОБВИНЕТИ ПО 15?

Во обвинителниот акт подготвен од Вилма Рускоска Александар Василевски Нинџа е посочен и како човек кој наводно собрал голема група на луѓе преку телефонски повици и им делел фантомки мобилизирајќи ги за насилен упад во Собранието. Сепак, тој добива 8-годишна затворска казна од Добрила Кацарска, иако минималната казна за делото е 10 години затвор.

Единствен друг кој доби казна под минималната е Абдулфета Алими, вработен во обезбедувањето на Собранието на Република Македонија, кој е познат и како човекот кој учествуваше во спасувањето на Зијадин Села. Токму поради тоа Села со личен имот гарантираше за Алими со цел да излезе од куќен притвор и да се брани од слобода.

Доколку Алими затоа што го спасува Зијадин Села доби 7 години затворска казна, со што Александар Василевски Нинџа „заслужи“ 8 години затвор, 2 години помалку од минималната за ова дело, иако обвинителството го посочуваше како човек кој ги повикал и им ги дал фантомките на осудените на 12,13,14 и 15 години затворска казна?

Дополнително, Абдулфета Алими во моментот на акцијата за апсење на тогаш осомничените за 27 април се наоѓал во Швајцарија, па по неколку дена самиот доаѓа во Македонија за да се пријави пред истражните органи, убеден во својата невиност. За разлика од него, Александар Василевски Нинџа беше повеќе од 6 месеци во бегство, пред да се пријави во обвинителството, па во затворот во Шуто Оризари на издржување на мерката притвор која му беше претходно определена.

КАКО КАЦАРСКА ЈА ОБЈАСНИ „МИЛОСТА“ КОН НИНЏА?

Во делот од пресудата посветен на Нинџа, судијката Добрила Кацарска посочи „дека е неспорно оти бил во контакт со дел од обвинетите и знаел дека ќе се влегува во Собрание со фантомки што може да се види и од снимките кај ресторанот „Дион“ каде тој гледа во кесата со фантомки“.

Но, факт е дека тој на 27 април, не влезе во Собранието и нема преземено никаков физички напад, наведе Кацарска при изрекувањето на казните.

Не влегол во Собранието и не бил насилен ниту Митко Чавков осуден на 18 години затвор. Напротив, неспорно е дека токму Чавков командува со акцијата за евакуација на пратениците. Митко Пешов влегол во Собрание како командант на специјалните сили и учествувал во евакуацијата на пратениците, па е осуден на 15 години затвор. Душко Лазаров ја доби истата казна, а бил дежурен во оперативниот штаб на МВР, односно исто така „не влегол во Собранието и нема преземено никаков физички напад“.

Токму поради овие факти се поставува прашањето дали Добрила Кацарска при определување на висината на затворската казна за Нинџа ја имала предвид неговата „соработка“ во насока на „пополнување на дупките“ во обвинението напишано од Вилма Рускоска? Дали Нинџа одлучил да се предаде во јуни 2018 бидејќи му била ветена „милост“ од судот и обвинителството доколку со својот исказ/одбрана ги пополни огромните дупки во неверојатното обвинение за тероризам на 27 април? Ова се прашања кои ја интересираат јавноста, бидејќи сомнежите за заткулисни игри се огромни.

НЕ МУ Е ПРВ ПАТ ДА МЕНУВА ИСКАЗИ ПОРАДИ ШТО ОСУДЕНИ СЕ ДРУГИ ЛУЃЕ, А ТОЈ ДОБИВА МАЛИ КАЗНИ

Сите кои барем малку ги следат случувањата во судскиот систем во Македонија слушнале барем еднаш за Александар Василевски Нинџа и пред обвинението за тероризам на 27 април. Јавноста го памети по случајот „РОВЕР“, во кој по неверојатни 12 години од убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев, Нинџа одеднаш се сетил кои се убијците, иако претходно тврдел дека не знае.

Во текст насловен „Прво не ги видел осомничените убијци, сега се премисли“ објавен на 6 февруари 2013 година на порталот „Плус инфо“, стои:

„Ги видов“, рече во судницата попладнево Александар Василевски викан Нинџа, сведочејќи за ноќта кога се случило убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев во 2001 година. Тој таков одговор упати до адвокатите, посочувајќи на обвинетите во судницата како сторители на убиството, иако при истрагата рекол дека било темно и не ги препознал убијците.

На прашање на адвокатите како ги препознал посочените, кога во сведочењата кажал дека месотто било неосветлено а убиството се случило доцна во ноќата, тој само одговори „Ги видов“.

По 12 години молчење, во февруари 2013 година Александар Василевски – „Нинџа“, „со свежа меморија“ во судот зборувал за кобниот ден на убиството на Тушевски и Јанев, како и за причините за двократното убиство. Според Нинџа, поранешниот министер, а денес советник на Заев за странски инвестции, Љубе Бошковски е нарачател, а обвинетиот Зоран Трајковски, тогашен обезбедувач на министерот, е организатор на убиството. Нинџа и тогаш немал објаснување за меморијата која одеднаш му се вратила по 12 години, што го навело да го промени исказот. Нинџа рекол само: „Ги видов“.

На 12 декември 2012 година, полицијата го апси Александар Василевски – Нинџа поради сомнение дека две недели претходно пукал во Драганчо Стојменов, клучниот сведок во случајот „Детонатор“. Само по два месеци се случува неочекуван пресврт во судскиот процес, во кој Нинџа беше обвинет за убиство, а неговиот пријател Никола Митревски Кољо за обид за убиство и помагање.

Обвинителството го преквалификува делото „од обид за убиство“ во „нанесување тешка телесна повреда“, по што на 28 февруари 2013 година судот го осуди Нинџа само на казна затвор од 10 месеци, а второобвинетиот на 6 месеци. Овој пресврт доаѓа по изненадувачкото враќање на меморијата кај Нинџа за процесот „Ровер“.

КАЦАРСКА НЕ ИМ ВЕРУВА НА СВЕДОЦИ ПОД ЗАКЛЕТВА, НО МУ ВЕРУВА НА НИНЏА

Токму поради ваквиот „минат труд“ на Александар Василевски Нинџа и начините на кои „лесно поминувал“ во пресудите за делата за кои бил обвинет, благодарение на негово сведочење за дела кои обвинетите ги нарекуваа „политички монтирани процеси“, се поставува прашањето како е возможно Кацарска и Рускоска да полагаат толкава доверба во Нинџа, а не во сведоци кои во процесот за 27 април полагаат заклетва и даваат сведочење, за разлика од Нинџа, кој дава своја одбрана и не е под заклетва, бидејќи се претпоставува дека обвинетиот може да искористи се за да си ја олесни позицијата, вклучувајќи и кажување неточни информации.

Еве само еден сегмент од довербата која Кацарска ја полага во Нинџа. Митко Чавков на судењето повика двајца сведоци кои биле со него во периодот меѓу 18 и 20 часот на 27 април 2017 година. Сведоците вработени во МВР по дадената заклетва пред судот сведочеа дека во тој период, Чавков бил во своите канцеларии во објектот „Технометал Вардар“, за кои истиот пред судот приложи доказ за нивниот закуп уште од 2016 година.

Сепак, сведочење на двајца полицајци под заклетва не беше доволно за Кацарска. Таа во пресудата ги игнорира сведоците од МВР под заклетва и тврди дека Чавков не бил во „Технометал“ туку дека бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, за што како релевантен извор на кого му верува го посочува токму Александар Василевски Нинџа.

Според ова, неспорно е дека Добрила Кацарска има огромна доверба во Александар Василевски Нинџа, човек со историјат на чудни сведочења и сомнителни искази, чудни преквалификации на дела од обид за убиство во насилство – и конечно, човек кој три пати го менува својот исказ за случајот за 27 април, базиран во најголем дел не на директни „сведоштва“ (или тотални измислици, како што тврди одбраната) туку на „рекла-казала“ конструкции, какви употребувал и во случаите за кои пишувавме претходно. Зошто Кацарска му верува толку на Нинџа?

БЕЗ ОДБРАНАТА НА НИНЏА НЕМА СЛУЧАЈ

Само еден пример во насока на потврда на оваа теза: доколку судот утврди дека Чавков не бил во зградата на ВМРО-ДПМНЕ на критичниот ден, тогаш во вода дефинитивно ќе паднат сите наводи на Нинџа, кој како обвинет кој се соочува со долгогодишна робија без никаков опиплив доказ обвини редица луѓе за низа прекршување на законот. Односно, според познавачите на случајот, токму Нинџа со своите искази дадени како негова одбрана, „како по наредба“ се обиде да ги пополнува дупките во обвинението за тероризам за 27 април. Доколку се земе дека сведочењето на Нинџа е, во најмала рака речено спорно, а пореално – лага, тогаш ниту Кацарска ниту Рускоска со сета своја креативност и мотивираност да докажат „тероризам“ на 27 април, немаше да може да го сторат тоа.

Јавноста гласно говори за многуте прашања кои се отвараат поради ваквата фактичка состојба. Едно од нив е и следното: Дали Кацарска и Рускоска беа водени од желбата по секоја цена да има осудителна пресуда за обвинетите? Дали затоа го вложија својот професионален кредибилитет и доверба во зборовите на познатиот Нинџа и судијката Добрила Кацарска но и новата фаворитка меѓу обвинителите Вилма Рускоска која во завршните зборови го цитираше Нинџа како да е врвен доктор по правни науки, а не обвинет криминалец со дебело досие?

УГЛЕДОТ КОЈ МУ ГО ДАДОА КАЦАРСКА И РУСКОСКА, СЕГА МУ Е НАРУШЕН?

„Угледот“ на Александар Василевски Нинџа за случајот за 27 април му го дадоа обвинителката Вилма Рускоска и судијката Добрила Кацарска, со тоа што јавно и гласно кажаа, а подоцна и запишаа во документи дека полагаат доверба во неговите зборови, а не во зборовите на сведоците под заклетва. Од друга страна, неоспорениот „углед“ на Нинџа како лице склоно кон криминогени активности, спорни сведочеа и чудно менување искази поради кои веројатно добива помали пресуди – си го заработил сам.

Сега, откако повторно добива помала казна од минималната како и претходно во својата „кариера“ по судовите, Нинџа преку своите правни застапници пратил допис во кој го обвинува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за ставовите изнесени во емисијата 360 Степени во врска со улогата на Нинџа во формирањето на пресудата за случајот за 27 април.

Тврдењето дека само врз основа на исказот на Александар Василевски Нинџа е донесена пресудата е невистинито и тендензиозно, со намера да се наштети на неговиот углед и чест, а веродостојноста на неговиот исказ да се намали. Покрај ова, не е точен фактот дека изјавата на Василевски е менувана трипати, бидејќи изјавата во основа и својата суштина не е сменета и покрај тоа што е трипати давана, туку истата е надополнувана со уште некои детали. Сево ова може лесно да се утврди од исказите на Василевски, пишува во демантот во име на Нинџа.

Александар Василевски Нинџа со јавно искажаната загриженост за испитувањето на веродостојноста на неговиот исказ и, според него, „обидите за намалување на веродостојноста“ во случајов фактички се поставува во функција на адвокат на Кацарска и Рускоска и нивната правна логика.

Зошто Нинџа ги брани авторите на неверојатното обвинение за тероризам и на пресудата од 211 години затвор? Дали е и ова дел од некаков договор според кој можеби повисокиот суд ќе му ја намали дополнително казната од 8 на 6 или 5 години? Многу прашања, многу дилеми, уште повеќе нелогичности. Задачата на повисоките инстанци е да ја расветлат до крај вистината во овој крајно дубиозен предмет, скандалозно обвинение и поскандалозна пресуда.

Не треба да потсетуваме дека три гласа за промена на името на Република Македонија дојдоа од обвинети, подоцна амнестирани, токму од истиот овој случај кој Добрила Кацарска го водеше во рекордно брзо темпо, досега незабележано во судската пракса во Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.