Со големо жалење ја примив веста за смртта на повредениот овчар од кратовскиот регион, денеска се пратени дописи во кои побарав детални извештаи за случајот од градоначалникот на општина Кратово, од Центарот за управување со кризи и од МВР, напиша на фејсбук вицепремиерот за антикорупција Љупчо Николовски.

Освен детални извештаи, за трагичниот настан од ЦУК и од МВР побарав да спроведат внатрешна контрола, за постапувањето на надлежните службеници за случајот. Човечкиот живот нема цена, а кога станува збор за спасување на човечки живот, секој треба да го даде максимумот, а не да се оградува од одговорност. Во вакви случаеви не постои фразата „не сме надлежни“, сите сме надлежни кога е во прашање човечки живот, порача Николовски.

Неприфталиво и недозволиво е, додаде тој, во 21 век, да се носи човек на носилики, а институциите да не можат да детктираат како и на никој начин да се постапи во конкретни животозагрозувачки случаи.

Тој најави итно лоцирање на одговорност, соодветни мерки, санкции и расчистување на случајот.

Претходно, Никола Димитров, заменик – претседател на Владата задолжен за европски прашања напиша дека смртта на Златко Божинов, овчарот од кратовско не смее да помине без конкретна одговорност, ама не смее да помине и без сериозни системски промени за никогаш да не се повтори ваква трагедија.

Утринава во штипската болница почина шеесет и тригодишниот овчар, кој беше една седмица во кома по претрпен мозочен удар, за кого јавноста дозна откако лекарот од кратовската Итна помош на Фејсбук објави дека неколку часа го носеле во импровизирана носилка од бачилото во кратовските планини до возилото кое не можело да стаса поради непристапен терен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.