Генералниот секретар на СДСМ и носител во Изборната единица 3, Љупчо Николовски денеска од Градско порача дека неговата коалиција понудила развој и просперитет, а нивниот политички опонент ВМРО-ДПМНЕ, изолација и корупција.

 Изборната кампања е пред самиот крај и верувам дека успеавте да ја видите огромната разлика меѓу СДСМ и Коалицијата „Можеме“ која настапи со конкретна програма и визија за иднината на државата и ВМРО-ДПМНЕ која не покажа ништо друго освен лицето на режимот кој 11 години ја запусти државата. Ние понудивме развој и просперитет, тие понудија враќање кон изолацијата и корупцијата. Ние понудивме правда, ред и дисциплина, тие понудија заштита на криминалот, враќање на Груевски, враќање на истата криминална група која ги ограбуваше и понижуваше граѓаните. Ние со храбри одлуки го овозможивме влезот во НАТО и го откочивме евроинтеграцискиот пат, тие нудат поништување на Преспанскиот договор, на Договорот со Бугарија и целосно загрозување на нашите европски перспективи – истакна Николовски.

Додаде дека го потвриле македонскиот јазик и идентитет, обезбедиле соживот, додека нивните опоненти, како што рече, „сакаат да не вратат на меѓуетнички тензии и поделби“.

Додека ние се справуваме со здравствената криза, тие правеа хаос, ширеа лажни вести, ги кршеа мерките за заштита и го доведуваа во опасност здравјето на граѓаните. Затоа е многу важно на изборите на 15 јули сите, почитувајќи ги мерките за заштита, да излеземе на избори и да ги поддржиме СДСМ и Коалицијата „Можеме“. Затоа што СДСМ нуди иднина, а ВМРО-ДПМНЕ е опасност за државата. За да го победиме национализмот што промовираат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Затоа треба и ДУИ да замине во опозиција, бидејќи секој глас даден за ДУИ е глас даден за Груевски – рече тој.

Николовски истакна дека на овие избори се одлучува за иднината на државата и за иднината на нашите деца.

Не е време за молчење, секој од нас треба да излезе на избори и да гласа за европска перспектива на државата. Да гласа за правда, ред и дисциплина. Се обврзуваме пред вас дека уште во првите 100 дена од Владата почнуваат темелните реформи во правосудството. Нема заштита на криминалот, ќе одговара секој за сторената злоупотреба. Не очекува многу работа дома, силни реформи во судството, во здравството, во образованието и затоа бараме чист мандат – додаде Николовски.

Нагласи дека за две и пол години постигнале многу, остварени се стратешки цели влез во НАТО и продолжување на процесот на интегрирање во ЕУ.

Обезбедивме историски развој на сите полиња, признат од целата меѓународна заедница. Од изолирана, закрвена држава станавме пример за добрососедски односи и водење политика. На 15 јули одлучуваме дали ќе продолжиме по тој пат или ќе дозволиме ВМРО-ДПМНЕ повторно да не врати со децении назад. Изборниот процес во среда ќе биде 100 проценти безбеден. Ве повикувам со маска на лицето, со држење на дистанца да го остварите своето право на глас и да дадете свој придонес во обезбедувањето на иднината на нашата држава. Да го поддржите СДСМ и Коалицијата „Можеме“ затоа што докажавме дека работиме домаќински, одговорно и во интерес на сите – истакна Николовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.