Вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски сподели убава вест од денешната владина седница. Имено станува збор за олеснувањето на бирократските процедури кое стартува од 1 јули 2022 година.

Голем чекор напред во борбата против корупцијата, но и во модернизација на живеењето! Од 1 јули 2022 година за граѓаните повеќе нема да има непотребни “бирократски процедури”. Повеќе нема изговори дека недостигаат одредени документи, нема чекање на шалтери, нема губење време и чување предмети во фиока. Повеќе нема барање извод од матична книга на родени или имотен лист при промена на лична карта, заради склучување брак или купување стан. Податоците, наједноставно, ќе се повлекуваат директно преку Националната платформа за интероперабилност“, порача Николовски додавајќи дека со Информацијата која е  усвоена на денешната владина седница е  направивме чекор напред во олеснување на процедурите за сите граѓани.
„Продолжуваме понатаму, решително и цврсто, за функционален систем и институции.“ – дециден е Николовски.

На предлог на заменик претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, Владата денеска ја разгледа Информација за преземање мерки и активности за дигитализација на процеси и ги задолжи сите министерства да подготват измени и дополнувања на законските решенија кои опфаќаат дигитализација на процеси поврзани со постапки утврдени со закон и да ги направат сите подготовки за приклучување кон Националната платформа за интероперабилност.

Овие препораки се однесуваат и на единиците на локалната самоуправа, и тие, заедно со сите органи на државната управа треба да достават барање за пристап до податоците на Централниот регистар на население, и најдоцна до првиот квартал на 2022 година да ги преземат сите активности за набавка на потребната информатичка опрема за непречено приклучување кон Националната платформа за интероперабилност.

Целта на овие мерки и активности за дигитализација на процеси е Централниот регистар на население, во кој се интегрирани податоците што ги водат Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда – Управата за водење на матичните книги и Централниот регистар, преку Националната платформа за интероперабилност, да стане точката од која ќе се влечат информации за граѓаните за да се елиминира потребата тие лично да ги доставуваат податоците и документите и на тој начин да се забрзаат и автоматизираат процесите за издавање на голем број потребни документи и за нивна дистрибуција до граѓаните преку алатки за електронска комуникација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.