Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, денеска беше назначен за претседавач на Антикорупциската деловна коалиција за борба со корупцијата.  Оваа платформа која делува по примерот на Кралството Холандија и воспоставени позитивни практики во Албанија, ќе делува во насока на постигнување реални резултати во следната година. Со  назначување на вицепремиерот Николовски на претседавачката функција ќе се постигне подинамична борба против корупцијата, а преку воведување на успешни меѓународни практики, соопшти неговиот кабинет.

Тој посочил дека Антикорупциската деловна коалиција има за цел да промовира атрактивна деловна клима преку добро управување, застапување и одобрување на најдобрите меѓународни практики за интегритет и зајакнување на капацитетите меѓу јавните и приватните институции во Република Северна Македонија кои се клучни во градењето на одговорно деловно однесување.

-Оваа Влада покажа силна заложба за борба против корупцијата, токму со воведувањето на новата функција во Владата, на којашто сум поставен јас, а што е резултат на нашата силна определба за воведување на систем кој генерира и испорачува правда, правна држава ред и поредок. Отворивме фронт против криминалот и корупцијата во секоја сфера од општеството. Во целиот процес важни ни се сите, институциите, бизнис-секторот, медиумите, невладиниот сектор,  односно сите алки во општеството, за да обезбедиме редот и законот да важат за сите. Во анти-корупциската деловна коалиција за која релевантните чинители ме одбраа и назначија како нејзин претседавач, заеднички ќе работиме на создавање на услови за атрактивна деловна клима преку добро управување, застапување и одобрување на најдобрите меѓународни практики за интегритет и зајакнување на капацитетите меѓу јавните и приватните институции во државата, кои се клучни во градењето на одговорно деловно однесување, изјавил вицепремиерот Николовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.