Бројот на заболени на Клиниката за инфективни болести може да порасне во секој момент, предупреди на денешната прес-конференција Игор Николов oд ИК на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека бројот на граѓани, родители, деца и медицински персонал кои се во изолација расте, а несоодветната информираност и немањето на доволно насоки за постапување може и понатаму дополнително да ја влоши состојбата.

Сето ова е поради несоодветниот менаџмент од страна на министерството за здравство и министерот Филипче. За да се спречи ширењето на вирусот, многу важно е спроведување и контрола на мерките предвидени за заштита. Простор за дилетантско однесување нема, потенцираше Николов.

Додаде дека министерот Филипче и Министерството за здравство треба под итно да преземат дополнителни мерки за заштита на населението како и за подготвување на здравствениот систем за најлошото сценарио.

Предлагаме сет на дополнителни мерки:
1. Да се формира Kризен штаб кој ќе ги информира и потсетува граѓаните на дневна и часовна основа за постапките за заштита од ширењето на вирусот;
2. Да се дадат јасни насоки на сите здравствените работници за постапување за заштита од ширење на корона вирусот;
3. Да се преземат мерки за растеретување на здравствените институции особено оние од терциерно здравство. Да се одложат здравствени процедури кои се елективни;
4. Да се подготви план за ротација на здравствените работници, како и план за вклучување на сите расположиви средства и сите расположиви здравствени работници (млади лекари, пензионери итн) во случај на потреба. План за вклучување и на здравствените работници и ресурсите од приватното здравство;
5. Да се контролира спроведувањето на мерките за изолација, а населението да се потсетува на часовна основа за начинот на постапување за заштита од Ковид 19.

Николов потенцира дека само доследното и навремено спроведување на мерките за корона вирусот може да го спречи ширењето.

Досегашното неспособно однесување на министерот за здравство и оние кои што тој ги поставил да раководат, само ја влоши состојбата со пропагацијата на вирусот и го загрози здравствениот систем.  Повторуваме дека ова треба да се направи ВЕДНАШ бидејќи е многу важно здравствените институции да бидат подготвени да одговорат на ситуацијата. Воедно со тоа ги заштитуваме и пациентите, но и медицинскиот персонал.  Министре, бараме веднаш, доследно и навремено спроведување на мерките од страна на сите надлежни институции, посочи Николов и апелираше до јавноста да ги почитува мерките за самоизолација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.