Европските ставови се како ние ќе си ја завршиме домашната задача. Од една страна, Македонија има поддршка да почне преговори со ЕУ, но исто така мора да сме фер и да ги слушаме и читаме до крај извештаите, дека постои сериозна загриженост во однос на владеење на правото, степенот на корупција, реформите во јавна администрација и економската состојба. Всушност она за што главоболки имаат сите обични граѓани на Македонија – изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во „Тема на денот“ во дневникот на Сител.

Николоски истакна дека нема средба со европски политичари на која тие не прашуваат за мислење околу тие прашања.

Јас останувам на тоа што сум го кажал, дека почетокот на преговори со ЕУ, зависи од Македонија, не зависи од Европската Унија и Бугарија. Да беа во Македонија средени работите, да беше Македонија во 30 или 40 место по перцепција за корупција, како што ветуваше Заев кога стануваше премиер, а не 111 место, да немаше мешање во судство и обвинителство, да беше подобра економијата, а не каква што е сега, тогаш Македонија ќе имаше одамна почнато преговори. Но, бидејќи не е така, би бил директен, а тоа е дека на многумина им одговара ова што Бугарија го прави со цел тие да не бидат виновни – потенцира Николоски.

Во однос на датумот кој го добива оваа влада и Заев, Николоски изјави дека веќе е несериозно пред граѓаните, затоа што Заев лаже дека добива датум од јуни 2018, сега сме декември 2021.

Три ипол години од животот на граѓаните помина, а тој лаже дека добива датум за преговори. Додека лажат за датум нивни луѓе од владата во нетранспарентен процес добиваат дозвола да градат фотоволтаици или друг тип на централи, а гледаме тоа се фирми на контроверзни бугарски бизнисмени. Додека со едната рака зборуваат за ЕУ, од друга страна ја уништуваат таа можност затоа што корумпираат се – себе, тие околу нив и општеството – истакна Николоски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.