Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, при посетата на општина Гази Баба, порача дека Македонија со Зоран Заев може да очекува само национални предавства.

Николоски истакна дека тоа не е ништо ново и не е нешто што се случува од вчера.

Гледате дека Зоран Заев нема граница во делот на националните предавства. Исто така се води крајно нетранспарентен процес, во кој што јавноста не добива никакви информации од владата. Информациите стигаат или од бугарска страна или како шпекулации – истакна Николоски.

Тој го предупреди Заев да не си игра со македонскиот национален идентитет, јазикот, култура, историја и самобитност, затоа што ќе добие жесток одговор на било каков обид за ништење на овие работи.

Во исто време, Николоски потенцира дека оние кај коишто коленичи и на кои е подготвен се да им попушти, знаат со кого имаат работа и не се ни обидуваат да скријат дека не го почитуваат.

Никој не почитува човек кој не се почитува самиот себе. Никој не почитува човек кој е подготвен себеси национално да се избрише. Па така, од Бугарија стигаат изјави дека се свесни дека Заев оди во Бугарија со цел да може да манипулира на следните избори и дека тие нема да го дозволат тоа, да бидат вовлечени во нашите избори – истакна Николоски.

Тој додаде дека, од друга страна, има врвни интелектуалци кои велат дека не е точно дека Бугарија ништо не направила за Заев, туку напротив – Бугарија му помогнала на Зоран Заев да дојде на власт во Македонија.

Николоски вели дека тоа е потврда на сето тоа што ВМРО-ДПМНЕ го зборува во последните четири години, дека имало изборен инженеринг кој бил спонзориран и од соседните држави.

Тоа ќе се спречи на следните локални и се надевам предвремени парламентарни избори во октомври, кога ќе се стави крај на овие национални предавства – истакна Николоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.