Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на денешната прес-конференција зборуваше и за номинацијата на кандидати за амбасадори на Република Македонија во различни дипломатски конзуларни претставништва. Потенцира дека најзагрижувачки момент е што овие номинации доаѓаат практично на две недели пред техничката влада, односно во предизборен период.

Големиот број на предлози покажува дека во последен момент се полнат амбасадите не со стручни кадри кои имаат политичко знаење и ќе можат да одговорат политички на предизвиците, туку исклучиво со кадри што се блиски на актуелната власт. Лицемерието да брзаат да ги пратат кандидатите по стариот закон, односно по постојниот Закон за надворешни работи, а во исто време да се форсира нов закон по кој никој од овие кандидати не ги исполнува условите.

Значи, од една страна Никола Димитров предлага измени на Законот за надворешни работи, а од друга страна предлага амбасадори по стариот Закон за надворешни работи, кои по новиот закон не ги исполнуваат условите. Да е парадоксот најголем дури и Никола Димитров не ги исполнува условите за амбасадор по законот што го предлага, рече тој.

Според Николоски се проблематизира целиот процес затоа што се испраќаат некредибилни луѓе. Тој не сакаше да коментира за имињата, зашто, како што рече ја почитува дипломатската пракса и нема да го уништува дипломатскиот углед на Македонија.

Правилата се јасни. Не се излегува со име за кандидат за амбасадор додека тој не добие агреман, односно не биде прифатен од државата, односно организацијата во којашто се испраќа. Најголема навреда за државата, односно организацијата во која што се испраќа ополномоштен амбасадор, е вие да го соопштите името пред таа држава да се согласи, рече Николоски.

Освен амбасадори, додаде тој, на две недели до техничката влада се испраќаат 25-26 дипломати од Министерството за надворешни работи на втори и трети позиции.

Овој процес исто така отиде далеку од јавноста, нетранспарентен и колку што сме информирани без вклучување на соодветниот дипломатски синдикат. Со тоа целиот овој процес се проблематизира. Идникативно е што владата три години не може да смисли основен концепт за дипломатската мрежа како и за персонални решенија. Индикативно е што им требаа две години за да назначат конзули во Истанбул, Солун, Мелбурн, Торонто  и останатите конзулати иако за тоа не е потребна согласност со претседателот на државата, односно владата самостојно именува конзули како и што е индикативно е дека им требаа повеќе од 8 месец да се усогласат со претседателот на државата кој што гледаме и самиот не е среќен со ваквото испраќање на амбасадори пред избори.

И она што е клучно е што практично имаме две годишно доцнење во целосното покривање на дипломатската мрежа и имаме никаква реализиација на економската дипломатија која што на голема врата беше најавувана од потпретседателот на владата Кочо Анѓушев, која што според нас е потребна и која што треба да е основа на дипломатската активност на Македонија, затоа што како мала држава Македонија треба да се насочи кон штитење на своите интереси, но исто така и кон силна економска активност. Практично, инвестирајте во Македонија не постои, а во македонските амбасади не постојат луѓе кои што ќе се занимаваат со привлекување на инвеститори и промовирање на македонскиот извоз, потенцира Николоски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.