Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ на денешното свое обраќање на дебатата „Иднината на Европа и иднината на проширувањето“ по повод прослава 9-ти мај организирана во соработка со „Конрад Аденауер“, посочи дека сите политички чинители мора сериозно да се посветат на инфраструктурата, додавајќи дека преку Европската унија се отвораат огромни можност во рамки на инвестицискиот план преку една кредитна линија околу 20 милијарди евра и грантови од 9 милијарди евра, за кои Македонија треба сериозно да се посвети и да ги искористи.

Третата работа за која мислам дека сериозно треба да се посветиме во следниот период како општество, како држава, како власт и опозиција, а за која јас и многу зборувам изминатиот период е инфраструктурата. Се отвораат огромни можност во рамки на инвестицискиот план на Европската Унија преку една кредитна линија околу 20 милијарди евра и грантови од 9 милијарди евра каде што мислам дека сериозно треба да се посветиме како држава и да ги искористиме истите, рече Николоски.

Видовме еден добар инпут од Европската Унија а тоа е дека се спремни европски компании да го градат оној дел кој што би бил од Белград до границата со Македонија, а исто така Европската Комисија вети еден голем грант од 650 милиони евра во овој дел.

Мислам дека Македонија треба да е паметна и со еден добар издржан проект, кои што за жал во моментот го немаат министерствата од владата на Република Македонија да излезе пред Европската Комисија и да побара грантирање на таа делница која би одела од границата со Србија до Солун, Повардарската долина, како би можеле на тој начин да ја поврземе Атина со Централна Европа, односно да имаме едно целосно поврзување на овој регион и да патуваме од Скопје до Солун за час и половина. Секако тоа ќе ни отвори можност да користиме буџетски средства домашни за изградба на пругата кон Бугарија, и за изградба на пругата кон Албанија, како и развивање на автопатската мрежа кон Коридорот 8, вели Николоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.