Во овој момент, власта е најголем поборник за идејата да се укине Специјалното јавно обвинителство, барем така изгледа, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, во интервју за „Лидер“. Тој додава дека власта која толку силно веруваше во СЈО, го вклучи црвениот аларм во моментот кога ова обвинителство покрена постапка против ДУИ, но причината не е само тоа.

Николоски истакнува дека СЈО им одговараше на СДСМ и на премиерот Зоран Заев само за да направи силен политички прогон против ВМРО-ДПМНЕ.

Првиот пат кога малце им излегоа од 100 процентна контрола, решија да тргнат кон нивно укинување. Факт е дека СЈО е политички мотивирано Обвинителство и бегање од тоа нема, подвлекол Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека Заев за истекот на покренувањето на обвиненија од СЈО се сети дури оваа година иако мандат имаше до јуни 2017 година. Тоа е така поради тоа што на премиерот му одговараше континуиран политички прогон, кажа Николоски.

Заев го покрена алармот за мандатот на СЈО, откако се отворија предмети како „Империја“, за случаите на ДУИ, но и за некои високи функционери на СДСМ, што сеуште се во почетна фаза.

Има предистраги за неколку видни функционери од СДСМ, на највисоки министерски позиции, кажа Николоски, кој откри дека ова на јавноста сеуште не и е познато.

Тој повтори дека поддржува секакво обвинителство кое што ќе истражи кој во оваа држава се богател на сметка на граѓаните, но со реални факти и податоци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.