„Правда за сите и правна држава мора да има и ќе има“, знае да каже често премиерот Зоран Заев. Иако во сите анкети, граѓаните најамалку веруваат во судството, властите секој ден не убедуваат дека мора да има неселективна правда и дека тие со сите сили се залагаат за истата.

Но, во последните денови видовме неколку сомнително донесени пресуди како онаа за случајот кај „Млечен“. Имено казната е само две години условно. Ова е пресуда што пред извесен период ја изрече Кривичниот суд во Скопје за сообраќајната незгода кај Млечен ресторан во 2018 година, во која животот го загуби едно лице, а неговата бремена сопруга и сопатничка доби тешки телесни повреди и го загуби плодот. Судијката Елена Јосифовиќ за ваквата пресуда образложи дека возачот на џипот од Тетово ја признал вината.

На ваквата пресуда граѓаните бурно реагираа и посочија дека со вакви пресуди и како онаа за убиството во Ново Лисиче каде убиецот доби само три години затворска казна, правда во оваа држава не може да има се додека судиите се под контрола на власта.

И додека премиерот Зоран Заев секој ден ги убедува граѓаните дека тој се залагал за правна држава, вчера истиот не се појави на рочиштето во кое тој е тужителот. Имено Зоран Заев го тужи за клевета потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски. Се работи за изјава на Николоски дадена на крајот на август 2019 година, значи нешто повеќе од една година кога се развиваше случајот познат во јавноста како „Рекет“ кој што има веќе и судска завршница сега во Основен Суд. Во таа изјава тогаш за јавноста тој сподели дека до него стигнаа сознанија дека се изрекетирани бизнисмени кои што во јавноста тогаш се тврдеше дека се работи за само еден бизнисмен, и дека се изрекетирани многу повеќе средства од тие кои што тогаш беа споменувани во јавноста, а тоа е дека се работи за сума однекаде над 20 милиони евра и дека таа операција не може да ја завршат двајца или тројца луѓе, дека е добро организирана операција и дека на врвот на таа пирамида стои Зоран Заев и СДСМ.

Таа изјава на ниеден начин не беше демантирана од страна на Зоран Заев, на СДСМ како политичка партија или на владата што ме наведе да помислам дека се работи за вистинита изјава и ако видите во тужбата, не се успорува првата изјава затоа што господата претпоставувам заборавиле да демантираат или немале што да демантираат, туку ја успоруваат втората изјава, рече Николоски вчера по завршување на рочиштето.

Николоски вели дека тој сам се брани на суд, додека Заев ги избрал најскапите адвокати, а самиот тој не дојде на рочиштето.

Она што исто така е забележително и во претходниот и во овој случај е дека, како што не се појави Вице Заев на рочиштето на кое ме тужеше за клевета, на ист начин денес Зоран Заев не се појави на рочиштето на коешто ме тужи за клевета, напротив избра да испрати адвокат од најскапата адвокатска канцеларија во Македонија, а јас еве повторно решавам да се бранам сам затоа што веројатно онаму каде што е вистината нема потреба од адвокати, а онаму каде што не е вистината има потреба од скапи адвокати, изјави Николоски и додаде дека се надева оти ќе докаже оти неговата изјава е вистинита.

И додека потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ се брани сам без адвокати во суд, дали премиерот Зоран Заев ќе докажува дека е невин во таканареченото Кацарска судство. На јавноста и се познати пресудите кои судијката Добрила Кацарска ги носеше во последните три години. Имено факт е дека во последните три години по судови се влечат само функционери од опозицијата иако досега имало голем пријави за сторени кривични дела за функционери од владејачките партии. Јавноста со право прашува дали власта на ваков начин и со таков тип на пресуди и обвиненија ќе направи да има правда за сите и правна држава?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.