Mинистерот за надворешни работи Никола Димитров вечерва заедно со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, гостуваат на телевизија 24. Тие ги соочуваат своите ставови за она што се случува во Македонија, дали ќе добиеме датум за преговори со ЕУ, за корупциските скандали, за преговорите околу ЈО.

Нема ден да нема корупциска афера, констатира Николоски и додаде дека сериозен дел од луѓето во врвот на СДСМ мислат дека тоа што го промениле името, меѓународната заедница ќе им дозволи што сакаат да прават.

Според Димитров во јавноста има експлозија од невистини. Тој кажа дека медиумите сега се слободни. Шефот на македонската дипломатија рече дека добро е што се отвори аферата „Рекет“, но и треба да одговараат сите инволвирани во „бомбите“.

Николоски со примери му посочи на Димитров дека медиумите не се слободни, а на тоа посебно укажува тоа што двајца новинари беа повикани во Обвинителство за скандалот поврзан со генералниот секретар на Владата Драги Рашкоски. Тој нагласи дека Обвиниетелството не реагирало соодветно кога во јавноста прв пат се објави аферата „Рекет“.

Потпретседателот на најголемата опозициска партија кажа дека ВМРО-ДПМНЕ нема проблем ако има индиција за криминал, но проблем е што СДСМ не сака Обвинителството да го истражува „Рекет“, бидејќи премиерот Зоран Заев бара амнестија, па затоа се заглавени и преговорите за законот.  Овие наводи Димитров ги негираше.

Тој посочи дека проблемот во преговорите е во тоа што Зоран Заев бара новиот јавен обвинител по предлог на опозицијата да не може да истражува случаи кои што се отворени до сега. Николоски објасни дека тоа значи оти предметот „Рекет“ нема да може да го истражува новиот јавен обвинител.

Тоа што е проблемот е што Зоран Заев предлага да опозицијата води обвинителство кое што ќе може да истражува само случаи кои што не се отворени до сега. Тоа значи дека предметот „Рекет“ нема да може да го истражува. И уште повеќе предлага опозицијата да номинира обвинител, но ако власта не се согласи пак после власта да го постави. Значи она што практично го бара Зоран Заев и поради што се заглавени преговорите е амнестија за него и луѓето околу него по однос на случајот „Рекет“ и тука се во овој момент заглавени преговорите, вели Николоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.