Одржување демократски избори, без полнење кутии, да бидат услов за членството во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ, порача потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во Вашингтон, каде што оствари билатерална средба со највисокото раководство на Националниот демократски институт (НДИ).

Николоски побара од конгресменот Роберт Аделхорт да се заложи во ОБСЕ, каде што и самиот е потпретседател, да се испрати силна мониторинг-мисија за следните избори со цел да се спречат неправилности и полнење кутии. Николоски побара одржувањето кредибилни и демократски избори да биде услов за членство во НАТО и почнување на преговорите со ЕУ, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој во Вашингтон оствари средби и со Дерек Мичел, претседател на НДИ и Роберт Бенјамин, директор на НДИ за Европа, разговараше за политичката ситуација во Македонија истакнувајќи дека во земјата има високо ниво на корупција и лоша економска клима. Тој им кажа на соговорниците дека договорот за промена на името е штетен, остава трајни последици врз Македонија и значи целосно национално обезличување на земјата.

На средбата била потврдена одличната соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и НДИ, како и присутство на големиот настан што НДИ го организира за ВМРО-ДПМНЕ, чија цел е градење нови политики и обука на раковотството и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Тој ќе се одржи следниот викенд и на него ќе учествуваат 80 претставници од ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.