Го повикувам Советот на Европа во овој извештај да предложи отворање на пристапните преговори за Македонија без понатамошни одложувања и дополнителни барања. Советот на Европа треба да побара од ЕУ да ги почитува своите Копенхашки критериуми. Промената на Уставот на независна држава не треба да е услов за пристапни преговори – порача потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во неговото обраќање од Совет на Европа од Стразбур.

Николоски додава дека Советот на Европа треба да побара од Бугарија да престане да врши притисок за уставни измени во Македонија и да дозволи пристапни преговори.

Како што вели Николоски, ЕУ треба да ги искористи своите механизми за да го наложи ова.

Во извештајот е напишано дека Советот на Европа го поздравува отворањето на пристапните преговори со Македонија на 19 јули 2022. Тоа не е точно! Македонија не ги отвори пристапните преговори туку само беше притисната да го промени Уставот според бугарски диктат и услови. Без промена на Уставот нема пристапни преговори. Сите ќе се согласите дека ова е брутална интервенција на суверенитетот и независноста на државата. Не постои ваков втор пример на ниту една друга земја кандидат за ЕУ која се соочила со вакви предуслови, ова не е европска вредност – вели Николоски.

Тој порача дека поради ова го повикува Советот на Европа да препорача на ЕУ промената на уставот по бугарски диктат да не биде услов за почеток на преговори за членство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.