Во рамки на работната посета на Вашингтон САД потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски оствари работни средби со Шери Брајан, потпретседател на Националниот Демократски Институт (NDI) и оствари средба со Лук Кофи директор за меѓународни политики на Херитиџ Фондацијата.

По тој повод тој напиша на Фејсбук:

На средбата со Шери Брајан од Националниот Демократски Институт се осврнав на соработката која ВМРО-ДПМНЕ и НДИ ја имаат изминатиов период. Преку локалната канцеларија на НДИ во Македонија се одржаа неколку обуки на партиски функционери и постојано се разменуваат искуства и знаење. Ја презентирав и предизборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, како и пиларите врз кои се основа новата изборна програма. ВМРО-ДПМНЕ својата програма ќе ја темели врз зајакнување на економијата и владеење на правото. Силна економија и борба со криминалот и корупцијата ќе бидат приоритет на новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Заклучено беше дека двете страни ќе продолжат да имаат блиска соработка и после победата на парламентарните избори во април.

Покрај средбата со потпретседателот на НДИ имав и средба со Лук Кофи, директорот за меѓународни политики на фондацијата Херитиџ. На средбата се дискутираше за актуелната политичка состојба и прогресот во евроатлантските интеграции. Потенцирав дека слабата реализација на реформи, криминалот и корупцијата ја кочат Република Македонија во патот кон ЕУ. Го информирав соговорникот за планот на ВМРО-ДПМНЕ после промената на власта да ги реализираме сите клучни реформи и планот за одлучна и силна борба со криминалот и корупцијата со што 2020 година нема да биде загубена година за граѓаните и патот кон евроинтеграциите- напиша Николоски на Фејсбук.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.