Најмоќниот човек во Македонија ме тужи за клевета. Ова не можете нигде да видите во демократскиот свет рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски по денешното рочиште за тужбата против него од страна на премиерот Зоран Заев, кој денеска не се појави во Основниот суд Скопје 1.

Кажав дека се изрекетирани околу 20 милиони евра и дека тоа не може да го стори еден човек а дека на врвот е Зоран Заев. Не можам да ја разберам опседнатоста на семејството Заеви против мене. Прво ме тужеше Вице а сега и Зоран. Ако сметаат дека ќе ме замолчат. Исто како што Вице не се појави не дојде денеска и Зоран. Јас се бранам сам а тој со адвокат од најскапата канцеларија, рече Николоски.

Тој не може да предвиди каква пресуда ќе има и оти судот е во незгодна ситуација бидејќи тешко кој судија ќе пресуди против најмоќниот човек во државата. Премиерот е навреден од изјавата на Николоски дека Заев е на врвот на пирамидата која изрекетирала 20 милиони евра.

Претходно Николоски на рочиштето побара во доказите да влезе и изјавата на Бојан Јовановски: „Парите од рекетот барајте ги кај Вице и Зоран Заев”. Исто така Николоски побара да се земе во целост неговата изјава за која Заев покрена тужба, а не селективно, додавајќи дека до судот е доставен само оној дел кој веројатно му одговара на тужителот.

Николоски побара и Заев како тужител да биде испрашан од страна на судот.

Рочиштето е одложено за 20 ноември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.