Заев се наоѓа на врвот на пирамидата во случајот „Рекет“, повтори и денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски по граѓанското судско рочиште каде што премиерот Зоран Заев го тужи за клевета. Николоски, кој за разлика од Заев се брани самиот без адвокат, како еден од доказите ја прикажа снимката од Бојан Јовановски, каде што тој вели дека парите од случајот „Рекет“ треба да се бараат кај Зоран и Вице Заеви.

По судењето, во изјава за медиумите Николоски изјави дека аферата со „Рекет“ е многу поголема од што е познато во јавноста, а во истата е вклучена цела пирамида на членови на СДСМ, која завршува со Зоран Заев. Додаде и дека според сите докази што ги имал доставено, покажано е дека не се работи за минорен случај во кој случајно е рекетиран еден бизнисмен, туку дека се рекетирани многу бизнисмени и дека се работи за огромна сума на пари, над 20 милиони евра.

Во таа шема не се вклучени само Бојан Јовановски и Катица Јанева, туку е вклучена цела една пирамида во СДСМ којашто секако завршува со претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев, вели Николоски.

Николоски вели дека неговиот исказ е врз основа на вистинити сознанија и дека не бил демантиран ниту од Зоран Заев, ниту од СДСМ.

Јас тоа сум го кажал во текот на август 2019 година, врз основа на сите сознанија коишто стигале до мене во тој момент, а после тоа времето покажа дека сум било во право, затоа што во август 2019 година тезата беше дека е рекетиран еден бизнисмен, во февруари 2021 знаеме дека се рекетирани повеќе бизнисмени, и тоа не го утврдив јас туку го утврди Кривичниот суд во Република Македонија, изјави тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.