Европски вредности не се нарачување на пресуди и кривични пријави. Во ЕУ не се влегува со нула реформи во правосудството и непринципиелен брак помеѓу власта, судството и обвинителството. Потребни се два патишта паралелно: едниот е промена на методологијата за зачленување и тоа е нешто во кое ние како држава немаме никакво влијание, а вториот пат се  интензивни реформи. Ако промената на методологијата е работа која што не зависи од Македонија, реформите апсолутно зависат. За жал, Заев потфрли овие две години да испорача реформи, вели потрептседателот на ВМРО-ДПМНЕ за Република на англиски јазик.

Новоименуваниот еврокомесар за проширување Вархеји ја посети Македонија. Кои беа неговите пораки, и што очекувате да се смени во пристапот и да се постигне во неговиот мандат?

Николоски: Господинот Вархеји е голем пријател на Република Македонија и на ВМРО-ДПМНЕ. Одличното пријателство помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и партијата ФИДЕС од Унгарија треба да се искористи  како и долгогодишното пријателство и соработка помеѓу Македонија и Унгарија. Ова е огромна шанса за Македонија и за прв пат имаме голем пријател на позиција еврокомесар за проширување. Мислам дека мора да го искористиме пријателството и неговата желба да ѝ помогне на Македонија. Очекуваме еден близок пристап и поддршка во патот на евроинтеграциите на Република Македонија. Господинот Вархеји е добро запознаен со состојбите во регионот и политичката ситуација во Македонија. Се работи за еден исклучително посветен комесар кој што од самиот почеток влегува амбициозно во целата оваа работа и заедно со негова поддршка се надеваме на почеток на преговори и на тоа дека ќе успееме брзо да ги завршиме преговорите за членство во ЕУ и во блиска иднина Македонија да стане земја членка на ЕУ.

По ветото од Франција, се најавува нова методологија за проширување на ЕУ, вонреден извештај на ЕК, балкански самит… Кои се можностите да се надмине француското вето на краток рок? Која е причината што Македонија се најде повторно блокирана, по се низ што помина?

НиколоскиПостојат два сегменти. Едниот дел е промената на методологијата за зачленување во ЕУ. Тоа е барањето на Франција, бидејќи тие не сакаат земјите-кандидати да влегуваат неспремни во ЕУ. Потребни се реформи и сериозни проекти доколку сакате да бидете земја-членка на ЕУ и граѓаните навистина да почувствуваат бенефит од интеграцијата во ЕУ.  Реформите се нашата домашна задача и нешто што треба сами да го реализираме и постигнеме. Македонија треба да направи повеќе реформи. Реформи кои суштински ќе го променат животот на граѓаните. Потребна е борба со криминалот и корупцијата и тука не треба да има никакви компромиси. Зоран Заев беше убеден дека е потребно само да го промени името на државата и дека сите светски лидери ќе прогледаат низ прсти и покрај огромниот криминал, корупција и катстрофалната реализација на реформи ќе му поклонат датум за  почеток на преговорите. Реалноста е дека единствена пречка на патот кон ЕУ е криминалот и немањето реформи во Македонија – покрај огромната грешка на македонската дипломатија Македонија да биде во група со Албанија. Потребни се два патишта паралелно: едниот е промена на методологијата за зачленување и тоа е нешто во кое ние како држава немаме никакво влијание, а вториот пат се  интензивни реформи. Ако промената на методологијата е работа која што не зависи од Македонија, реформите апсолутно зависат. За жал Заев потфрли овие две години да испорача реформи. Напротив гледаме дека повеќекратно си го зголемил богатството на фамилијата и сме сведоци на безброј скандали.

ВМРО-ДПМНЕ најавува дека има план да го забрза приемот на Македонија во ЕУ, и дека во таа насока ќе соработува со комесарот Вархеји. Што е тоа со што ВМРО може да придонесе кон овој процес што СДСМ не може или не сака да го направи?

НиколоскиВМРО-ДПМНЕ по преземањето на власта има план да ја стави државата на брза трака во патот кон ЕУ. Планираме да реализираме голем број реформи кои се потребни за Република Македонија да влезе спремна во преговорите со ЕУ. СДСМ многу често директно ги напаѓаа унгарските политичари и премиерот Виктор Орбан. Нивното непознавање на дипломатијата ја доведе Македонија на ова ниво. Сметаме дека 2020 година може да не биде уште една изгубена година и дека заедно со македонскиот народ ќе ги направиме потребните реформи и промени кои се потребни за побрз напредок во патот кон ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ е спремно да испорача реформи и наша цел е силно да се посветиме на реформите. Од нас се бара да испорачаме во делот на владеење на правото, нешто за кое силно се залагаме како политичари и како политичка партија и борбата со криминалот и корупцијата ќе биде една од главните постулати на новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ . Силна економија, владеење на правото и борба со криминалот и корупција се патот кон успешна држава и брз напредок на земјава.

Во изминатите три години сме сведоци на масовно апсење на претставници на опозицијата, драконски казни за едната страна, додека политичари од другата страна избегнуваат одговорност независно од сериозноста на делата што ги сториле и јасните, јавно достапни докази против нив. Во која мерка ваквото нееднакво спроведување на законите придонесе кон октомвриското фијаско во Брисел?

НиколоскиЕвропски вредности не се нарачување на пресуди и кривични пријави. Во ЕУ не се влегува со нула реформи во правосудството и непринципиелен брак помеѓу власта, судството и обвинителството. Реформи во правосудство нема со ослободување на Зоран Заев за случајот Поткуп, односно сето тоа што ние го слушнавме и видовме, како Заев бара евро за црквата и евро за брат, му не постои. Градоначалник тепа граѓани и за тоа поминува со опомена, а од друга страна се покрените илјадници обвиненија против членови на ВМРО-ДПМНЕ. За вакви работи е информиран Брисел, и во повеќе наврати сум кажал, светските лидери не сакаат да седат на иста маса со криминалци и бандити од калибарот на Зоран Заев и компанија. Да ја потсетам јавноста дека најпрво Вице Заев, а потоа и неговиот брат Зоран Заев ме тужат мене за клевета. Вакво нешто може да се случи само во Македонија и пред некое време истото го направи блискиот пријател на Заев, премиерот на Албанија Еди Рама, кој исто така тужеше за клевета. Со ваков пристап и вака нарачани пријави и пресуди не се придвижува државата напред.

Македонија веќе дефинитивно е во иста група со Албанија во процесот на проширување. Колку скапо ќе не чини поврзувањето со Албанија и кои се шансите да излеземе од оваа група – дали се тие поголеми доколку ВМРО-ДПМНЕ ја формира идната влада?

НиколоскиЗа жал јас уште во април 2018та година, уште пред срамната промена на името алармирав дека оваа група со Албанија многу скапо ќе ги чини граѓаните и кажував дека постои таен договор Македонија намерно да остане во група со Албанија и дека токму поради оваа група и слабата реализација на реформи Македонија нема да добие датум ниту во јуни 2018, ни јуни 2019 година што за жал и се оствари. Огромна грешка на македонската дипломатија е Македонија да биде во група со Албанија. Една паметна дипломатија ќе работи на раздвојување на оваа група со цел побрзо да станеме земја членка на ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ ќе работи на реформи и се надеваме дека наместо во група со Албанија преговорите ќе ги завршиме во група со Србија и Црна Гора.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.