Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, заедно со прeтседателот на Комисијата за надворешна политика во Собранието, Антонио Милошоски, наредниве денови ќе бидат во работна посета на Вашингтон.

Во рамки на посетата на Вашингтон ќе присуствуваат на молитвениот појадок во организација на Претседателот на САД, Доналд Трамп. Молитвениот појадок претставува најпрестижен политички настан во САД на кој доаѓаат врвни политичари од САД и целиот свет. Покрај присуството на молитвениот појадок Милошоски и Николоски ќе имаат и голем број билатерални средби со конгресмени, сенатори и претставници на институти, како и средби со македонската дијаспора.

Меѓу другите, ќе бидат остварени средби со Сенаторот Мајк Ли, Сенаторот Џејмс Инхоф, и конгресмените Мајк Дојл и Роберт Адерхолт. На средбите во Сенатот и Конгресот на САД, Николоски и Милошоски ќе информираат за политичката состојба во Македонија, за криминалот и корупцијата како и за економското фијаско и уназадувањето на државата, но исто така ќе ги информираат соговорниците за плановите на ВМРО-ДПМНЕ и обновата која следи после победата на парламентарните избори во април.

Најавена е и средба со Паул МекКарти – директорот за Европа на Меѓународниот Републикански Институт (ИРИ), а се планира и средба со потпретседателката на Националниот Демократски Институт (НДИ) Шери Брајан, како и со директорот за надворешна политика на реномираната фондација „Херитиџ“.

За време на својот престој во Вашингтон се очекуваат и средби со македонската дијаспора во Америка. Бројните средби со високи претставници во САД значат зајакнување на пријателството со САД и потврда за стратешката определба на ВМРО-ДПМНЕ. Делегацијата ќе ја потврди уште еднаш заложбата на ВМРО-ДПМНЕ Република Македонија што е можно побрзо да стане земја членка на евро-атланското семејство, што одамна го заслужила.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.