Трите клучни работи кои зборуваат за катастрофата во нашата надворешна политика беа една од темите на прес-конференцијата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во Собранието.

Николоски потсети дека ВМРО-ДПМНЕ се уште чека одговор дали навистина Заев бил подготвен да потпише поништување на самобитноста на македонскиот народ, дали ќе менува членови од Комисијата за историски прашања само зашто се покажале непослушни и што е тоа што Заев му го ветил на Борисов.

Јавно објавив дека Никола Димитров јавно се фалел дека тој бил пречката поради која Заев не потпишал договор со Бугарија кој што ќе значи прифаќање на сите бугарски позиции на штета на Македонија. Притоа, за мене и едниот и другиот се исти, но очигледно Димитров во битка за личен рејтинг сакал себе си да се прикаже како заштитник на македонските национални интереси, а Зоран Заев да го прикаже како предавник. Поминаа два дена, немаме директен демант ниту од Заев ниту од Димитров. Нема да навлегувам во нивните лични односи, но самото ова покажува дека имаме еден огромен скандал односно дека Зоран Заев бил подготвен да потпише поништување на самобитноста на македонскиот народ, да потпише бришење на македонската историја, самобитноста на македонскиот јазик и дека единствената причина поради која што тоа не го направи е притисокот од јавноста и народот кој што излезе на улиците во македонските градови и села и му се спротивстави на оваа работа, рече Николоски.

Николсоски ја повика власта, конкретно премиерот Зоран Заев да одговори дали е вистина дека незадоволен од работата на оваа историска комисија Заев е подготвен да состави нова – соодветна.

Незадоволен од работата на оваа историска комисија затоа што не му потпишува се што ќе посака и се што ветил во однос на Бугарија, активно работи на дискредитирање на нивните членови со цел промена на историската комисија која што е во надлежност на Министерството за надворешни работи и формирање на нова историска комисија која што ќе потпише под политички диктат се она што Зоран Заев ќе побара. До денес, немаме никаков демант на ова и јавно предупредувам дека следи подготовка за следна национална катастрофа, потенцира Николоски.

Тој додава дека третата работа, Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски јавно посведочи дека премиерот Бојко Борисов му кажал дека Заев има ветувано работи со цел да ја добие неговата поддршка.

Јас јавно прашав дали тие концесии се купувањето на една телевизија, купување на една банка, државни акции во еден телекомуникациски оператор, како и оптички кабел во една голема државна компанија преку која што може да се врши проток на интернет, проток на телефонски сигнал, но исто така и други субверзивни активности и конечно еден рудник, а тоа гледаме дека е рудникот Иловица кој што магично откако се смени сопственикот и од доминантитен сопственик од канадска компанија, станаа бугарски олигарси, наеднаш еве почнува да добива дозвола за работа. Најавувам дека во следниот период ќе објавиме конкретни работи и документи за оваа работа. Овие работи покажуваат дека Зоран Заев е подготвен за нова национална катастрофа и уривање на сите позиции кои што македонската држава и македонскиот народ макотрпно ги градел во децениите наназад. Очекуваме одговори на сите овие прашања кои што до денес ги немаме. Ова покажува дека се подготвени да тргуваат со се’ и е причина плус, мотив плус, ден поскоро, час поскоро да заминат и да поднесат оставка, подвлече Николоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.