Доколку се бара да Бугарите влезат во македонскиот Устав, во преамбулата во случајот, тогаш мора и Македонците да влезат во бугарскиот Устав. Како што се Македонците дел на пример од српскиот, хрватскиот Устав, зошто да не бидат дел и од бугарскиот Устав. Значи кога нешто барате треба и да сте спремни исто да го понудите и од својата страна, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во „Трилинг“ на 24 телевизија.

Николоски појасни дека Македонија има повисока цел, а тоа е почеток на преговори со ЕУ.

Но, кога се разговара за ова прашање, мора да има некој начин на рамноправност, особено во спор кој што по мене е измислен вештачки и ние на ниеден начин не сме го предизвикале ниту како народ, а ниту пак како држава. Ако принципиелно Бугарија отвора некои прашања мора и ние да отвориме прашања. На пример, нема во Македонија во моментов активни пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур во однос на непочитување на права на Бугарите во Македонија. Меѓутоа има преку 10 активни пресуди во Европскиот суд за човекови права во Стразбур во однос на непочитување на права на Македонците во Бугарија. Обврска на Бугарија како земја членка на Советот на Европа е да ги реализира овие пресуди. Бугарија не ги реализира, нагласи Николоски.

Николоски рече дека тој е член на поткомитетот за реализација на пресудите на Европскиот суд за човекови права и може да каже дека Бугарија има најлошо досие во рамки на Совет на Европа. Исто така од Бугарија многу срамежливо но и гласно споменуваат отворање на Уставот и донесувањето на Бугарите во македонскиот Устав.

Николоски посочи дека многу работи се кријат од јавноста.

Во однос на користење на скратеното име, тоа е дел од т.н. објаснувачки меморандум кој што Бугарија го приложи кон одлуките на Европскиот Совет во март 2019-тата година. Можеби и јавноста се сеќава дека Владата тоа го криеше од јавноста. И јас тоа преку некои свои канали го добив и прв го презентирав во јавноста. Таму има многу посуштински прашања. На пример овој дел кој што се поврзува со т.н. територијални претензии што е смешна работа сама по себе е директно поврзан и со македонскиот јазик и одат во една иста глава каде што Бугарија го спори постоењето на македонскиот јазик. И Бугарија бара две работи, првата работа е истиот да биде именуван како официјален јазик на Република Македонија, а не како македонски јазик. Значи да се избрише терминот македонски. И вториот е да се докаже дека македонскиот јазик во суштина е само т.н. јазична форма народски кажано дијалект на бугарскиот јазик. Тоа е директно удирање во темелот на македонската држава за тоа што основата на македонската држава е македонскиот народ и останатите кои што живеат во Македонија и македонскиот јазик, нагласи Николоски.

Николоски рече дека ако еден од тие два столба се удри, тогаш се доведува во прашање постоењето на државата. Е поради тоа тука нема простор за преговори за тоа што тоа се фундаментални прашања за кои што преговори нема.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.