Скопски Вардар е европски шампион. Преморени, возбудени, засипнати, Вардарци им ја честитаа титулата на своите навивачи, а тие пак им возвратија со „Шампионе, шампионе!“. Иако прославата беше под нивото на успехот, вечерва беше чест да се биде Македонец, но и тажно што странци ни одржаа лекција за национална гордост. Хрвати, Руси, Литванец, Србин, Шпанец, Германец… вечерва беа Македонци, ѝ заблагодарија на Македонија за поддршката, за љубовта, за радоста.

Скандирајќи „Никогаш Северна, секогаш Македонија“, европските шампиони се искачија на бината поставена во нивна чест. Ѝ ја посветија победата на Македонија, иако многумина од нив не се родени Македонци.

Многумина овде не се Македонци, но кога ќе си одат во нивините држави и ќе кажуваат: си беше еден Вардар, во една Македонија, рече капитенот Стојанче Стоилов.

Потврда стигна од омилениот Русин Тимур Дибиров.

Ако овој е ’играч со број 5’, тогаш јас сум играч со број 31, сите овде се чувствуваме како Македонци. Пред две години не мислев дека ова ќе го доживеам уште еднаш. Фала ви Македонци, денеска ние сме сите Македонци!, викна левото крило на Вардар.

И Шишкарев вечерва посака да биде Македоец.

Цела година барам македонски пасош, но не ми давате, рече тој.

Победата го направи горд Македонец и единствениот Германец на Ф4. Во најавата Диборов рече: „Какво време дојде кога еден Германец сака да биде Македонец“.

Имаше многу Македонци вечерва на плоштадот со гордо име, но и многу лицемери. Нивното присуство беше олицетворено во присуството на градскиот татко на аеродромската писта, а потоа и зад бината.

Ниту тој се чувствува горд Македонец, ниту Вардар му е македонски, ниту пак тие го чувствуваат за свој. Татко на градот на нивниот клуб. Петре беше нужно зло, десно сметало, тринаесетто прасе, чиешто присуство несомнено остава горчлив вкус во устата. Но, таа не престана да скандира „Македонија, Македонија“. Исто како што Петре никогаш не ѝ посака „да живее“.

Вечерва ги немаше ниту на бината, ниту зад неа, ниту на авионската писта премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски. Немаше ниту еден член на извршната власт да ги поздрави европските шампиони. Само Петре со изразот „кај ме најдовте баш мене“. И зошто би ги имало? Овие луѓе беа дојдени за Вардар, за Македонија, за националната гордост, за името кое нема да загине, што во душата го носиме, за Гоцевата раса, за Ѓурѓа и комитите… А меѓу нив нема горди Македонци. Ниту пак има Македонци за кои се добредојдени. Власт која нема кого да владее и народ кој нема своја власт.

Вечерва стана јасно дека власта во оваа земја нема легитимитет, а владетелите се плашат да му излезат пред очи на народот. Немаат што да му кажат, ниту тој има желба да ги слушне. Паралелни светови, кои мора да се вкрстат и засекогаш да се разминат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.