Лажни и апсолутно неточни се податоците со кои се обидувате да ги манипулирате граѓаните за финансиската состојба на државата, буџетот е во одлична кондииција, а солвентноста огромна, им рече премиерот Зоран Заев на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во текот на денешното продолжение на расправата за избор на новите министри и заменици-министри.

Оваа Влада, нагласи Заев, вложува во инфраструктура, гради патишта од преку 500 километри вредни над 500 милиони евра насекаде низ државата, гради железници и гасоводи, а не музеи и споменици како што правеше ВМРО-ДПМНЕ.

Во врска со владеењето на правото, напомена дека тоа е еден од најважните услови за привлекување странски инвестиции.

Последните три години владеењето на правото е многу подобрено, но треба уште многу на тоа да се работи. Денес има транспарентни процеси за кои јавноста зборува, се отвораат постапки, новинарите ги следат во судница, рече премиерот.

Расправата што почна вчера, и претпладнево продолжи со препукувања меѓу пратениците од власта и опозијата.

Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ им предочи на колегите од СДСМ и коалицијата дека го поминале мандатот и останале во матрицата „што направи ВМРО-ДПМНЕ“, наместо да се соочат со реалноста и да почнат да работат.

Никако да сфатите дека сте на власт трета година и за секој неуспех ја обвинувате ВМРО-ДПМНЕ. Затоа ви порачувам да живеете во сегашноста и да се фатите за работа, рече Пешевска, која во врска со новата министерка за финансии, Ангеловска оцени дека е веројатно преамбициозна штом прифатила да биде на оваа функција во ова време.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.