Собранието вечерва со 53 гласа ЗА, ниту еден против и 26 воздржани ги усвои измените на Законот за заштита од заразни болести.

Според измените на Законот, задолжително е носењето маска на отворено, задолжителна е самоизолацијата на оние кои чекаат тест за коронавирус и се забранува групирање на јавен простор (паркови, јавни површини или било која површина на отворено) во одредени периоди од деноноќието.

Носењето маска на отворено нема да важи: при спортување на отворен простор или на затворено со почитување на специфичните протоколи за заштита (дистанца, дезинфекција и слично); при возење во приватно патничко моторно возило ако возачот е сам или со лице/лица со кој/кои што живее во заедница; при престојување во двор на семејна куќа сам или со лице/лица со кој/кои што заедно живеат во заедница; при седење во угостителски објект со почитување на специфичните протоколи за заштита (дистанца, дезинфекција и слично); ако се користи друг тип на заштитна опрема специфична за определено работно место; ако лицето е помладо од 6 годишна возраст (дете); ако лицето има специфична здравствена состојба, е лице со посебни потреби или е лице со пречки во развој поради што носењето на лична заштита на лицето би било проблематично или контраиндицирано.

Во однос на маските, казните и натаму остануваат исти, 20 евра за неносење на маска, а 50 евра за непочитување на изолацијата.

Претходно, пратениците од СДСМ и министерот за здравство Венко Филипче се премислија и го повлекоа предлогот кој предвидуваше контрола во домовите на граѓаните и казни доколку има повеќе од четири гости.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.