Историчарот Тодор Чепреганов, поранешен директор на Институтот за национална историја на Македонија, предупредува на опасноста од забуни во македонската историја доколку се отстрани одредницата „бугарски“ пред „фашизам“, во описот на настаните и (зло)делата извршени во Македонија за време на Втората светска војна.

Ние, Македонците, не сме го измислиле фашизмот! Во историјата со тој термин се омеѓува едно време, еден период кога се случувале настани и дела што драматично влијаеле на целиот свет, вели Чепреганов во изјава за „Нова Македонија“.

Според него, со ревизија на македонската историја, како што се обидуваат да наметнат бугарските политичари (а нашите, македонските прифаќаат) не може Македонија да ги исправа грешките што ги направила Бугарија во своето минато.

Дури и во нивните историски документи е запишано дека Бугарската комунистичка партија се борела против фашистичката влада на Филов и на царот Борис. Фашизмот и нацизмот се системи што постоеле и се преплетувале во еден важен период од историјата на 20 век, но не може да се направи генерализација, туку во секоја земја што го прифатила си има одредени карактеристики. Па, во историјата се зборува за италијански фашизам, германски националфашизам, унгарски фашизам, фашистичка влада на генералот Петен во Франција, па и за фашистичка влада на Бугарија, што логично имплицира на период на бугарски фашизам.

Доколку се избрише квалификативот „бугарски“ пред „фашизам“ во македонските учебници и споменици, може да се создаде заблуда кој ги извршил злоделата за време на Втората светска војна во Македонија: како холокаустот на Евреите, отсечената глава на Невена Георгиева -Дуња, убиствата на ваташките младинци…

Утре Бугарија може да побара да признаеме дека, всушност, Македонците во Македонија ги сториле тие злодела… Во историјата не се генерализира – сѐ си има време и простор. Македонските политичари загризуваат преголем залак, сметајќи (без размислување) дека со ревизија на сопствената историја ќе постигнат некаква актуелна политичка цел, вели историчарот Тодор Чепреганов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.