Писмата кои што Катица Јанева ги испрати од истражниот затвор во Шуто Оризари, а чија содржина се однесуваше на работата и предметите на СЈО, биле напишани рачно, а потоа преку затворската служба биле претпратени до Судот, согласно процедурата и куќниот ред на затворот.

Ова во најновото „Само интервју“ со Гоце Михајлоски го изјави директорот на затворот во Шуто Оризари Есад Рахиќ. На прашањето на Михајловски дали во затворот има нотар, бидејќи многу правни експерти го спореа легитимитетот на тие писма, Рахиќ потврди дека нема.

На разговор ми кажа „Имам напишано писмо и сакам да ви го предадам“, јас и реков не, ќе го предадеш на дежурниот, дежурниот ќе ми го предаде мене, јас ќе го заверам во архива и ќе оди до судот, вели Рахиќ.

Овие писма кои Јанева ги испрати од притвор до ЈО и со кои таа дава согласност за преземање на предметите на тогашно СЈО од редовното обвинителство, уште тогаш беа оспорувани. Правниците тврдеа дека овој потег е преседан кој повторно создава правна несигурност и клима на непочитување на законите и институциите.

Професорот Гордан Калајџиев, кој беше дел од работната група која во Министерството за правда дискутираше за писмото на Јанева за трансферот на предметите, тогаш потенцираше дека со овој потег станува очигледно дека СЈО е само злоупотребено за да се бутне ВМРО-ДПМНЕ од власт.

Јанева предметите ги добила со закон и никаде со закон не се предвидува ова обвинителство да ги предаде сите предмети особено не во ваква ситуација кога неа и е завршен мандатот и каде нема политичка волја да се избере нов обвинител. Зошто не сакаат обвинителството да продолжи да работи треба да ги прашате политичките партии, тоа е нивна одговорност. Очигледно ова е крај на СЈО, не постои интерес во земјава да има самостојна и независна институција за борба со корупција. На крај мора да признам со жалење дека СЈО е само злоупотребено за да се бутне ВМРО-ДПМНЕ од власт, рече тогаш Калајџиев.

Според него, ако предметите се предадат постои опасност да се развлечат и да пропаднат.

Oд ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја потенцираа апсурдноста на овие сомнителни писма од притвор, без печат и непотврден потпис, кои една специјална обивинителка да им ги предава на некоја друга важна институција од ваков ранг со зборовите „Вака ни бавча за садење не се пренесува во надлежност, а не пак обвинителски акти“.

Зоран Заев се обидува со неправна гимнастика политички да влијае врз правото во државава. На дело се случува рушење на правната држава и правниот систем, со цел Зоран Заев да создаде нова Катица на местото на Катица Јанева и на тој начин да продолжи политичкиот прогон, монтираните случаи против политичките неистомисленици, рекетирањето и Луј Витон правосудството, рече тогаш портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Милојка Калкашлиева, судија на Врховниот суд, во пензија за овие писма ќе рече:

Се извртуваат содржината и суштината на одредбата од ставот 5 на членот 6 од Законот за СЈО, па со повикување на таа одредба се прифаќа за полноважно „писмо“ (или „изјава“ или „наредба“) со кое Катица Јанева и од притвор управува со предметите над кои исклучиво СЈО има надлежност, па од притвор му ги предава сите предмети на републичкиот јавен обвинител. Па ако таа одредба ѝ дава такво овластување, зачудува фактот што Катица Јанева уште пред притворот не одлучила да му ги предаде сите предмети на јавниот обвинител. Специјалниот јавен обвинител нема такво овластување ни во редовната работа, а камоли од притвор.

 

Ставот 5 на членот 6 од Законот за СЈО не зборува за предавање предмети од надлежност на СЈО на републичкиот јавен обвинител, туку, во истакнување на целосната автономија на СЈО над кривичните дела од негова надлежност законот во оваа одредба вели: „Јавниот обвинител на Република Македонија или друг јавен обвинител НЕ МОЖЕ ДА ПРЕЗЕМА ИСТРАГИ И ГОНЕЊЕ ПО ПРЕДМЕТИ КОИ СПАЃААТ ВО НАДЛЕЖНОСТ НА ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ (сјо), БЕЗ НЕГОВА/НЕЈЗИНА ПИСМЕНА СОГЛАСНОСТ“. Каде гледате во оваа одредба овластување на СЈО да ги предаде предметите од својата надлежност. Впрочем, согласност, па и писмена, се бара ако некој побара нешто над кое ти имаш власт, а не треба твоја согласност, уште и писмена, кога одлучуваш ти некому да му предадеш нешто над кое ти имаш власт. За истрагите и гонењето по предметите што спаѓаат во надлежност на СЈО, со Законот за СЈО е овластено само СЈО, а републичкиот јавен обвинител или друг јавен обвинител, доколку побара, може да преземе истраги и гонење по тие предмети, но само со писмена согласност на СЈО.

Но, решени да го истуркаат до крај своето, одмаздата во која не гледаат што се ќе рушат или кој уште Закон или Устав ќе прекршат, обвинителството и судството под палката на премиерот во заминување продолжија да работат по својата агенда.

Предметите веќе се предадени во ЈО, а од таму, пак, на она што според СДСМ е криминал му се дава десет пати поголемо значење, од оние случаи кој со години се влечат по судот. Само еден таков пример е случајот „ТНТ“, во кој се брза да му се пресуди во полза на пријателот на Зоран Заев – Фијат Цаноски, додека, пак, случајот во кој загинаа четири млади македонски деца и рибарот сведок на злосторот, се преместува само да има место за овој погоре споменатиот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.