Велеа дека е невозможно да се обединиме, еве нè, обединети и силни, рака за рака против политичарите кои го крадат народот. И затоа ќе победиме силно, им порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на скопјани кои дојдоа на централниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.

Заедно со Советот на Градот Скопје каде имаме мнозинство ќе работиме за модерно Скопје, заедно со градоначалниците кои повеќето се од ВМРО-ДПМНЕ, но и со останатите. Опозицијата создава блок кој ќе го порази Заев. Тоа е блокот и гласот на сите против Заев и таквите против Шилегов, рече Мицкоски.

На луѓето кои се двоумат дали да излезат на гласање, Мицкоски им порача одговорете си што е она што нам ни фали во морето недостатоци како држава.

Економијата е лоша 30 години, и работите стануваат полоши. Корупцијата е уште сè поприсутна. Мафијата е само поорганизирана. Но што е она што нам навистина ни фали. Ни фали и сон за кој ќе се бориме. Овојпат тоа ни е на дофат, сонот во кој мора да веруваме, преточен во новата иднина која мора да биде и ќе биде само заедничка. Тој сон го носи новиот заеднички патриотизам, новата иднина за која вреди да излезете и да гласате.

На крај, овие избори се за тоа, дали ќе партиципираме во политики на цинизам, потценување и статус кво кои нè носат во апатија, или партиципираме во политиките на надеж, рече тој.

Политиките и филозофијата на надеж и верба во себе се оние што ги натерале Питу Гули и Никола Карев да се борат и да се обратат до сите да им се приклучат. Таквите Илиндени ја кревале нашата земја од пепелта. А што друго е ова освен надеж.

Филозофијата на надеж е онаа што ги натерала партизаните да веруваат и да се борат за тоа во што веруваат и да ја создадат оваа држава исто како што ние денес говориме да создадеме нова иднина.

Надежта на лекарите кои се борат храбро против пандемијата, на учителите кои го предаваат своето знаење  на идните генерации, на земјоделците кои со труд го посеваат родот и чекаат принос за да нè прехранат. Надежта на чесните полицајци кои очајно сакаат да видат ред во државава и работат макотрпно. Надежта на сите кога Македонија победуваше во кошарка, ракомет, на Олимпијадата неодамна. Надежта која се бори и не можат да ја уништат! Надежта на референдумот за независност и искрата во очите на секој наш граѓанин при прославата на самостојноста. И конечно, надежта на еден млад студент на Машински факултет со име Христијан, слаб, височок и со наочари, кој уште тогаш верувал и сега сè уште верува дека Македонија може и има сила да биде тоа што сите ние го сонуваме! И еве сум тука. Полн со надеж! Надеж во лицето на тешкото! Надеж во лицето на проблемите! Надеж во лицето на неизвесноста! Ова е наша заедничка битка! Затоа што силата на надежта е нескршлива! Силата на надежта носи промени! Таа сила и таа надеж сте вие! Сме сите ние! Заедно кои сакаме да го живееме сонот на една подобра Македонија, во иднина која заедно ќе ја создаваме! Тоа е мојот сон. И јас верувам во него. Верувам дека ќе излеземе од овој вртлог на апатија и разочараност. Ќе дојде светол ден! Ви ветувам, рече Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.